Лавров викендов во посета на Северна Кореја


Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров викендов ќе ја посети Северна Кореја, пренесоа денеска руски дипломатски извори и севернокорејската државна агенција КЦНА.

Лавров ќе ја посети Демократска Народна Република Кореја од 11 до 13 јули, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, користејќи го официјалното име на Северна Кореја.

Севернокорејската новинска агенција КЦНА претходно денеска јави за патувањето, додавајќи дека Лавров доаѓа на покана на севернокорејското Министерство за надворешни работи.

Посетата на високиот руски функционер доаѓа месец и половина по посетата на секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, на Пјонгјанг, по повод првата годишнина од договорот за меѓусебна одбрана потпишан меѓу двете земји.

Москва и Пјонгјанг ја зајакнаа воената соработка во последниве години, при што Северна Кореја обезбеди оружје и сили за поддршка на руската војна против Украина. Двете земји потпишаа договор за меѓусебна одбрана за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Северна Кореја минатата година.

Контингент севернокорејски војници учествуваше, заедно со руската војска, во борбите против украинските сили во рускиот регион Курск, кој беше делумно окупиран од украинските сили од летото 2024 година. Русија соопшти дека украинските сили се повлекле од таа област во април.

Пјонгјанг во април за прв пат потврди дека распоредил сили на тој фронт, заедно со руската војска.

За Лим Еул Чул, професор на јужнокорејскиот универзитет Кјунгнам, зачестеноста на директните контакти меѓу високи руски функционери и Ким Џонг Ун е „многу невообичаена“.

– Разговорите би можеле да вклучуваат подготовки за посета на севернокорејскиот лидер на Русија, изјави тој

Back to top button
Close