Лазарова Трајковска во „Топ тема“: Соопштението на Апелација за „Таргет-Тврдина“ е задоцнето, требало да се направи во денот на носење на одлуката

Кога има предмети кои предизвикуваат јавен интерес, во принцип, судот води сметка за постапувањето по предметот. Води сметка и за ефикасноста на водењето на постапката и по дефиниција знае дека таков предмет е под окото на јавноста. Оттука е обврзан за донесената одлука да информира благовремено, како што налага транспарентноста на судството, вели Мирјана Лазарова Трајковска, врховна судијка, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур и поранешна уставна судијка во вечерашното интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ. 

 

Таквиот нејзин став е во врска со укинувањето од Апелација на пресудата во предметот „Таргет-Тврдина“ кој беше отворен за масовното нелегално прислушување за што меѓу обвинетите беше и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков кому му беа изречени 12 години затвор.

Погледнато однадвор, овде чини дека има два проблема – од завршувањето на јавната расправа до одлучувањето по предметот, како долг временски период, остана необјаснето во соопштението на Апелациониот суд, и второ – сметам дека објавеното соопштение вчера е задоцнето. Тоа требало да го направат во моментот кога ја донеле одлуката, на 5 декември да направат една прес-конференција. Кога се повисоките судови во прашање, се чита и дел од пресудата за да и биде јасно на јавноста зошто тој суд одлучил така како што одлучил“, вели Лазарова Трајковска.

Бидејќи се остави простор на неинформирање или јавноста остана скратена за информација, нагласи таа, следуваа лавина од реакции од сите страни за кои, истовремено, имаше и контрареакција од друга страна.

„Судиите во судовите имаат обврска да водат сметка за предметот да не застари. Од тие причини се важни процедуралните чекори што ги прават. И тука немам дилема дека Апелацискиот суд треба да води сметка. Она што е исклучително загрижувачко во таквите предмети од јавен интерес е немањето на сензибилитет за интересите на јавноста. Одлуката може да биде засновата и врз одлично образложение, меѓутоа судот е должен кон јавноста, знаејќи го влогот во тој предмет со кој се засегаат 20.000 лица, да ја извести јавноста во моментот кога одлучил“, потенцира Лазарова Трајковска.

Пресудата, рече Лазарова Трајковска, не може да се преточи со техничко-правен речник, туку таа мора да биде разбирлива и за оние кои не ја разбираат правната процедура. Таа посочи искуство од Европскиот суд за човекови права, кој дента на носење на пресудата, доставувајќи ја до учесниците во постапката, државата и жалителот, истовремено ја објавува и на веб страницата на судот. И секогаш, истакнува Лазарова Трајковска, секогаш претходи најава за медиумите дека на одреден датум ќе бидат објавени одредени пресуди.

Back to top button
Close