Лажна романса vs. “Power bitch moves”

„Ок, батали ги сега Велкова и Јовановска. Доцна е за нив. Важно ми е да знаеш дека ова не е романса. Ова се криминал и насилство.“

„Треба да збориме за ‘романса’ за писмена по македонски.“

„Wow. Ни мање ни више. Доаѓај, дома сум.“

Оваа кратка преписка помеѓу мене и сестра ми резултираше со прилично комплицирана дискусија, неколку важни освестувања, малку револт… А го инспирираше и текстов што следи.

 

На 13 години, сестра ми имаше обврска да дискутира две народни песни од нејзиниот учебник за осмо одделение по македонски јазик, во авторство на Снежана Велкова и Сања Јовановска подведени како примери за „романси“. Да, романса, термин кој образованието би требало до сега да ја научи дека претставува емотивна релација помеѓу двајца (или две) кои во тој однос се вклучени консензуално и споделуваат романтични емоции. Да ја научи барем на тој елементарниот минимум – консензуалноста, односно дека романтичниот однос подразбира обострана согласност.

Првата „романса“ беше опеана во „Јанка Влахинка“ и гласи:

 

Ја прочитав „Јанка Влахинка“. Земав воздух и настaпив in medias res:

„Ова не е никаква романса. Ова е противправно лишување од слобода. Киднапирање. И еден маж тука отворено кажува, односно два пати потенцира како сака да ‘измами’ жена која е позната по тоа колку многу сака да работи. Никој никого тука не сака.“ Сестра ми се сложи. Лошото образование, за среќа, сепак не може да упропасти сѐ. Некому е од прва јасно дека измамата, демнењето и манипулациите не се романса.

Потоа малку продискутиравме за тоа како фолклорот најчесто бил и останува аргумент на нарации со традиционалистичка, колективистичка и длабоко патријархална педагогија. Дека во раце држи учебник чии авторки (независно од тоа што се жени) не го препознаваат длабокиот патријархат и насилните родови динамики за кои добиваме чувство дека ги одредиле и нив како личности. Притоа, не можејќи критички да го исчитаат и да направат правилна проценка на насилството, го пренесуваат на плеќите на идната генерација жени. Тоа го прават под плаштот на авторитет на образованието, а и нивниот како авторки на учебници.

Дискусијата продолжи.

„Ок, батали ги сега Велкова и Јовановска. Доцна е за нив. Важно ми е да знаеш дека ова не е романса. Ова се криминал и насилство.“
„Од одма знаев…“
„Па нормално…:)“

Потоа тргнавме кон подлабока анализа на ликовите. Не беше комплицирано да се сложиме дека мајката на Марко во песната служи за, како жена, да му даде аргумент на насилството како прифатливо за жените. Женски благослов во името на синот:

„Таа е зла. Поперфидна е од синот. Но, за да го прифатиш и нормализираш тој однос, треба претходно да си жртва на тој систем, неговите вредности да те воспитале и да те изградиле. Има едни две теоретичарки Гилберт и Губар кои пишуваат како патријархатот ги насочува жените една наспроти друга. Тоа е случајот и во песната. Системот ја претвора мајката на Марко од жртва во џелат и оружје на идеологијата која претходно ја жртвувала“, завршив свесна дека од дијалот за писмена по осмо упаднав во академски и политички дискурс. И веројатно (повторно) претерав малку.

Во мојата лутина, не успевам, а да не го истурам врз неа товарот на скепса кон образованието кое понатаму трајно ќе ја лиши од релаксираноста на тоа да го третира здраво за готово. Но, друг избор немавме.

И прејдовме на втората „романса“ – „Питал ја Стојан Бојана“:

 

 

„Океј, тука има некаква романса“, заклучи сестра ми.

„Океј, има, да. Ама има и нешто што е поважно да го лоцираме. Има една девојка на која не ѝ дозволуваат да се земе со човекот кој го сака. Дополнително проблематично е тоа што воопшто треба да бара дозвола, ама такво било тоа време. Во песната се присутни и последици од психолошко и физичко семејно насилство што ја доведува до состојба на депресија.“

Сестра ми ме гледа со прашалници. Прашувам:

„Па добро, што прави Бојана?“

„Легнува ‘како да е умрена’.“

„Ама не е умрена. Само е до толку сјебана што паѓа во толку длабока резигнираност што ниту ‘лута змија во пазува’ ниту ‘вжештен јаглен’ не ја стануваат. Или е депресивна или е толку револтирана што својата слобода ја наоѓа во преправањето дека е умрена. И, конечно, какви се тие луѓе кои, ако го читаме ова буквално, ставаат некому на гради вжештен јаглен? И змија? И каде е овде Стојан? Стојан како лик е потполно маргинален. Бојана се бори да ја реализира таа љубов. Таа всушност се бори за двајцата. Има примери во литературата каде жените ја бираат смртта или лудилото како единствен излез од околностите во кои се заглавени. Бојана натаму тргнала.“

Веројатно повторно претерав, дискусијата од елементарна ја кренав на академски референци, но ми се покажа дека 13-годишните деца сфаќаат комплексни односи на моќ далеку подобро од повозрасните авторки на учебници. Односно, сè и беше јасно уште пред да почне овој разговор. Само тоа требаше да се извлече од неа и правилно да се артикулира и врами. Да, децата на 13 години, низ правилна дискусија лесно го лоцираат насилството и правилно го адресираат. Секако кога имаат клуч за ефикасно исчитување.

Авторките на учебниците, пак, станале „послушни ќерки“ на патријархатот и за нив е можеби и доцна. Барем тоа го сведочи нивното дело. Но тоа не е наш проблем. Наш проблем е да ги адресираме повредите кои ги нанесуваат.

Фолкорот во образованието е подведен под конзервативни читања и интерпретации. Ликовите кои пренесуваат субверзивна порака, на пример, порака за родова еднаквост – а кои постојат во фолклорот и имаголошки се далеку побогати и поинтересни за исчитување – се маргинализирани и/или подведени под патријархално читање. Вака „прочистениот“ фолклор останува чудно идеализиран. Во учебниците, лектирите и книгите е дополнително подведен под конзервативниот избор кој приредува симплифицирани приказни кои одново и одново ни кажуваат како било и дека така треба да остане.

Велкова и Јовановска веројатно, во некаква претпоставена дискусија, ќе се извлечат со тоа што ќе се повикаат на некакви зборници од некој институт каде песните ги нашле под референцата „народна романса“. И на „врвните интелектуалци од доменот на ….“, (Ох, а дури таму, зад плаштот на интелектуализмот, на каква патријархална мемла некогаш базди.) Тоа нема да ги ослободи од одговорноста правилно да ги интерпретираат и третираат како лекција за тоа какви вредности имало порано, укажувајќи дека тоа во никој случај не смее да се повтори. Или, пак, да ги искористат како пример за недозволлива педагогија или да внесат револуционерни читања на старите наративи. Таа одважност и одговорност ги испуштиле.

Заради нив стотици девојчиња кои ќе се спремаат за писмени по македонски јазик на 13 години ќе читаат дека киднапирањето е израз на романтични емоции. Следствено, нема да научат насилството да го препознаваат во неговите перфидни форми во емотивните релации, па посесивноста ќе ја изедначуваат со страст. Утре ќе истрчаат да речат: „А, со кој памет таа му пратилаа фотографија“, наместо: „Како не му е срам!“.

Веројатно за неколку години истава тема за писмена ќе ја дискутирам со внуките. За тоа ми е жал. За генерациите кои однапред гледаме како ги усвојуваат негативните модели, а на повеќето не можеме да им помогнеме.

П.С. Во долниот десен агол под „Питал ја Стојан Бојана“ беше напишано едно благо субверзивно: Power bitch moves.

Сѐ уште има надеж.

Лени Фрчкоска

извор: Meduza.mk

Back to top button
Close