Лажни профили на девојки на Фејсбук од мажи извлекувале голи снимки, па ги уценувале

Во Секторот за внатрешни работи Струмица, Отсек за компјутерски криминал во последниот период евидентирани се пријави на кривични дела „Уцена” или „Злоупотреба на лични податоци” сторени преку креирање лажни профили на социјалната мрежа Фејсбук, лажно претставувајќи се како девојки од Република Северна Македонија на возраст од 25 до 30 години, информираа денеска од струмичката полиција.

-Имено, лицата преку овие лажни профили во разговор со оштетените лица барале од нив да воспостават видеокомуникација, а потоа без нивно знаење и согласност подготвувале фото и видеоматеријал со експлицитна содржина од комуникацијата со оштетениот, кој во понатамошна постапка им служел за уцена. Уцената ја вршеле на начин што од страна на лажните профили се барала уплата на пари со цел предметните фотографии и видеосодржини да не завршат кај фамилијата на оштетените или нивните најблиски, информира портпаролот на СВР Струмица, Александра Трајанова.

Отсекот за компјутерски криминал при СВР Струмица веќе постапувал по сите поднесени пријави.

-Сметките на кои требало да се уплатат паричните средства, стекнати со уцената, најчесто се од Брегот на Слоновата Коска. Секторот за компјутерски криминал при МВР веќе достави барање до социјалната мрежа Фејсбук да ги утврди електронските адреси од кои се регистрирани лажните профили, а побарана е и меѓународна правна помош, додаде Трајанова.

Секторот за внатрешни работи Струмица апелира до граѓаните да не наседнуваат на уцени од ваков тип и да не споделуваат нивни фотографии или видео содржини со трети лица, со цел спречување на понатамошна злоупотреба на истите,

Back to top button
Close