ЛДП е против формирање широка коалиција, децидна е Зајкова


Моника Зајкова, пратеничка од ЛДП, вели дека партијата е апсолутно против формирање широка коалиција и предвремени избори и не се согласува со ставот на Павле Трајанов од Демократски сојуз.

„Не би се согласила со оваа констатација на Павле Трајанов, затоа што, според она што го гледам во парламентот, мнозинството е стабилно, а можеме да видиме и дека Владата работи во полна пареа и ги менаџира предизвиците со кои се соочува. ЛДП е апсолутно против вакви широки коалиции“,
рече Зајкова во гостување во дневникот на ТВ Сител.

Таа додава дека во државата треба да има обединување по одредени прашања, особено кога станува збор за државнички прашања или менаџирање на одредени кризи, меѓутоа секогаш во секоја нормална европска земја опозицијата е онаа којашто е објективен коректив на власта и, на некој начин, врши контрола или притисок врз нејзиното работење. Затоа, вели Зајкова, не би навлегла во вакви широки коалиции, особено не затоа што немаме драстични случувања кои би ги менаџирала таа коалиција.

„Со формирање на таква широка коалиција може да западнеме во поголема политичка криза. Во моментот, навистина, не е неопходно затоа што и Владата и парламентот функционираат стабилно“,

децидна е Зајкова.
На прашањето дали „огнената“ група од ДУИ може да предизвика предвремени избори, Зајкова вели дека не би сакала да ги коментира случувањата во друга политичка партија, но апелира во овие сензитивни времиња да се води повеќе сметка за граѓаните и државата, отколку за партиски цели и интереси.

За тоа колкав удар и нанесе на владината коалиција поднесувањето на оставката на лидерот на ЛДП, Горан Милевски, и дали имало притисоци од СДСМ во однос на носењето ваква одлука, Зајкова вели дека ЛДП е самостоен политички субјект којшто одлучува во рамките на партиски тела и органи и немало никакви притисоци или мешање од ниту една друга политичка партија.

Во однос на прашањето за референдум и уставни измени, Зајкова вели дека секој има легитимно право да поднесе иницијатива за референдум, а понатаму Собранието ќе цени дали таа е оправдана или не, а има и инстутуции што ќе ја ценат уставноста или неуставноста.

„Сметам дека во моментов тоа апсолутно не е потребно затоа што процесите веќе се почнати, скринингот трае и се очекува во брзо време да заврши. Од интерес на државата и граѓаните е брзо да ги решаваме проблемите дома и да го почнеме отворањето на поглавјата за побрза интеграција во ЕУ. Ние како партија јасно кажавме дека не е проблем да се дополни Уставот со останатите етнички заедници, а ќе предложиме и наш амандман со кој ќе бараме и еврејската заедница да биде вметната во деловите од народи кои стојат во Уставот“,
рече Зајкова.
За отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид и за односите со Република Бугарија, Зајкова вели дека во овие времиња не е потребно да се прават одредени провокации ниту од бугарската страна, ниту од наша.

„Треба да ги гледаме оние работи што ги приближуваат двата народи. Има институции кои треба да ценат дали е тоа оправдано или не и, нормално, доколку се најде дека е спорно, да преземат одредени санкции или да повикаат на одредена одговорност“,
нагласи Моника Зајкова.
Таа додаде дека доколку застане на чело на партијата ќе и биде предизвик затоа што ќе биде првата жена која би била лидер на либералдемократите и дека тоа би го направила со поддршка од актуелниот претседател и членството на партијата.

Back to top button
Close