ЛДП: Не треба ни да се помисли за заедница на албански општини, а не, пак, да се промовира

Во едно мултиетничко развиено општество не треба да се помисли на заедница на албански општини, а уште помалку да се промовира, реагираат од Либерално-демократската партија (ЛДП), откако со ваква идеја вчера излезе партијата Алтернатива.

„Потребни се иницијативи кои ќе ги поттикнат граѓаните на единство и кои ќе стимулираат да зборуваме за квалитет и развој, а не за поделби по какви било основи. Не само што не треба да се спомне, туку не треба ни да се промовира иницијативата за ’Асоцијација на албански општини‘ во Северна Македонија затоа што тоа е чин кој создава групирања и поделби и се коси со вредностите за либерално-демократско, европско општество кон кое се стремиме“,велат од ЛДП.

Според партијата, во време на европски интеграции, ваквите иницијативи водат кон создавање нови поделби, а не заедништво. Северна Македонија, велат оттаму, е мултиетничко општество во кое не живеат само Албанци туку и Турци, Бошњаци, Власи, Срби, Евреи, Роми и други заедници.

„Би сакале да потенцираме дека аспирациите на ’големи држави‘ одамна се минато и не носат ништо освен партиски поени. Сè додека не зборуваме за квалитет, еднаквост пред законот, не може да очекуваме дека ќе живееме во прогресивно, демократско и напредно општество во кое сите се чувствуваат слободни, еднакви и безбедни“велат од ЛДП.

Партијата ги повикува и останатите партии да ја осудат иницијативата на Алтернатива и да престанат со манипулативни изјави затоа што обидите за етнички тензии ја носат земјата во погрешен правец.

Алтернатива излезе со ваква идеја повикувајќи се на моделот кој се бара да го примени Косово со цел нормализирање на односите на релација Белград-Приштина. Западот, кој го бара тоа од Косово, рекоа од партијата, се наши сојузници и испаѓа дека формирањето ваква заедница е во духот на западните вредности. Идејата единствено доби поддршка од неформалниот водач на „огнената група“ во ДУИ, пратеникот Изет Меџити.

Најголемите владејачки партии, СДСМ и ДУИ, пак, ја отфрлија. СДСМ оценија дека ова се прави само за да се добијат политички поени и идејата на нарекоа несериозна и неприфатлива. ДУИ, пак, предлогот на Алтернатива го нарече патетичен, антиевропски и антиамерикански.

Back to top button
Close