ЛДП со Пенов и Пановски во Скопје – партнерство со ГРОМ на Јакимовски

Поранешниот министер за локална самоуправа и екс-градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, заедно со докторот Никола Пановски, ќе бидат носители на листата на советници на Либерално-демократската партија (ЛДП) за претстојните локални избори во Град Скопје. Потврда за тоа Пенов даде во саботното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

ЛДП ќе настапи самостојно во Скопје, но во соработка со партијата ГРОМ на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Пенов истакна дека имало мала комуникација со досегашниот коалициски партнер СДСМ за настапот на изборите, но засега не е постигнат договор.

Пред четири години, ЛДП настапи одделно од СДСМ, во коалиција со ДОМ, при што нивните кандидати за градоначалници во Скопје и Битола освоија значителен број гласови, влијаејќи врз резултатите на кандидатите на СДСМ.

Пенов нагласи дека со ГРОМ ќе имаат заемна поддршка за кандидатите за градоначалници, но конкретните детали допрва ќе се дефинираат. Засега, ЛДП нема свој кандидат за градоначалник на Скопје.

Back to top button
Close