Ле Риголер: Реформите треба да се спроведат не заради ЕУ, туку затоа што тоа е добро за земјата
Реформите не треба да се сметаат како обврска што треба да се исполни затоа што Европската Унија го бара тоа, туку треба да се сфатат како нешто што е добро и позитивно и од кое бенефит ќе имаат сите граѓани на оваа земја.
Ова денеска го изјави амбасадорот на Франција во земјава, Кристоф Ле Риголер, прашан за коментар на обвинувањата што доаѓаат од опозицијата дека власта не презема никакви чекори во насока европската интеграција на државата, како и во врска со неодамнешната изјава на евркомесарката за проширување Марта Кос, која изрази загриженост поради отсуството на владеење на правото во Македонија и во другите земји од Западен Балкан, кандидатки за членство во Европската Унија.
Францускиот амбасадор прашањето го оцени како суштинско и како едно од оние кои, како што рече, ние честопати го забораваме.
„А тоа е дека процесот на европско приближување е процес на спроведување реформи и процес на трансформација“рече Ле Риголер на заедничката прес-конференција со министерот за јавна администрација Горан Минчев, по потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу двете земји за јакнење на капацитетите и професионализација на јавната администрација.
Амбасадорот рече дека тие одблизу го следат спроведувањето на реформите и реформскиот процес и потсети дека набргу ќе биде објавен извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на сите држави кандидатки за влез во ЕУ, меѓу кои и за земјава.
Во тој контекст, тој дипломатски порача да почекаме да го погледнеме извештајот и да видиме што ќе содржи тој.
На крајот од изјавата тој порача дека реформите не треба да се прават само затоа што Европската Унија го бара тоа, туку затоа што од нив корист ќе имаат земјата и сите нејзини граѓани.
„Суштинската работа во којашто јас длабоко верувам е следната – реформите што ги бара Европската Унија не треба да се сфаќаат како ограничувачки, односно не треба да се смета како обврска којашто треба да се спроведе затоа што Европската Унија го бара тоа, туку реформите треба да се сфатат како нешто што е добро и позитивно за земјата, од кои бенефит ќе имаат сите граѓани на оваа земја“рече францускиот амбасадор во С Македонија.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) изминатиов период често ја обвинува власта дека не презема никакви чекори за напредок на земјава на патот кон ЕУ и не ги спроведува реформите што земјата треба да ги исполни во рамките на процесот. Критики до власта на оваа тема, завчера повторно упати претседателот на СДС, Венко Филипче. Говорејќи на работилницата насловена „Придонесот на Собранието во ЕУ-преговорите“, Филипче во средата рече оти е жално што Владата не ги спроведува реформите за европската интеграција. Во таа насока, тој посочи оти се доцни со носење на приоритетните закони од реформската агенда, пред сè од Министерството за правда.
Слични обвинувања доаѓаат и од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), од каде што велат дека не само што нема напредок во евроинтеграции, туку дел од потезите на актуелната власт одат во насока на оддалечување на земјата од членство во ЕУ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски ги негираат ваквите обвинувања.
Инаку, неделава еврокомесарката за проширување, Марта Кос изрази загриженост за владеењето на правото во земјите од регионот на Западен Балкан, од кои дел е и С Македонија, и покрај напредокот што е забележан.
Кос рече дека продолжува праксата на мешање во судските процеси, притисокот врз службениците кои истражуваат корупција и политизацијата на медиумските регулаторни тела што, како што истакна, е неприфатливо. Еврокомесарката нагласи дека ЕУ се темели на владеењето на правото, кое подразбира независно судство, фер избори и слободни медиуми. Земјите кандидати кои не можат да го обезбедат ова ниво на владеење на правото нема да можат да станат членки на Унијата. Таа додаде дека земјите од Западен Балкан се во фокусот на процесот на проширување и дека владеењето на правото е клучен предуслов за нивна интеграција, пренесе ТВ Телма.