Лебот, млекото и маслото се очекува да имаат цени пониски за 10 отсто откако компаниите ќе добијат поевтина струја


Од Владата очекуваат дека со намалувањето на трошоците за набавка на струја ќе поевтинат цените на основните прехранбени производи, но договор за тоа дали, кога и колку ќе поевтинат засега нема. Проценките се дека за еден месец треба да се стабилизира пазарот, па потоа за 10 отсто би можела да се спушти цената на основните производи, вели министерот Бектеши

Владата очекува дека цените на основните прехранбени производи ќе се намалат откако ќе се скратат трошоците за струја. Затоа компаниите производители на основните прехранбени производи ќе набавуваат струја од ЕСМ Продажба која ќе биде двојно поевтина од таа на регулираниот пазар, а дури три пати пониска од таа на отворениот пазар.

„Станува збор за компаниите кои произведуваат млеко и млечни производи, пекарско-мелничката индустрија и компаниите кои се занимаваат со производство на масло и масти, а дополнително се разгледува да се вклучат и компаниите кои се занимаваат со преработка на месо и месни производи“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.
Денеска компаниите производители на основните прехранбени производи беа во министерството за економија каде од министерот беа информирани за мерките на Владата за кои очекуваат дека ќе донесат предвидливост што бизнис секторот ја бара.

„До утре треба да бидат готови и анализите на потрошувачката и финансиските импликации доколку во овој пакет се приклучи и месната индустрија а конечната одлука ќе ја донесе Владата најверојатно утре“,
рече Бектеши.

Како што кажа министерот, предлогот е доставен до Стопанските комори, а со него е предвидено мерката за субвенционирање на цената на електричната енергија за прехранбената индустрија да трае до крајот на април.

„ЕСМ Продажба ќе ги снабдува со електрична енергија овие компании, согласно разговорите со Министерството за финансии, и финансискиот простор што го имаме. Според првичните пресметки тоа ќе биде најверојатно под 100 евра на мегават час, што значи дека ќе биде двојно пониска од тоа што во моментов е на регулиран пазар, а речиси тројно или повеќе од тоа што е на отворен пазар, што значи дека секако ќе се намалат оперативните трошоци на компаниите до крајот на април и на таков начин може да направат дополнителни калкулации во делот на одредување на крајната цена”, изјави Бектеши.

Од Владата очекуваат дека со намалувањето на трошоците за набавка на струја ќе поевтинат цените на основните прехранбени производи, но договор за тоа дали, кога и колку ќе поевтинат засега нема, но како што кажа Бектеши механизмите како ограничување на цени и маржи секогаш може да се применат.


„Во формулација на финална цена на одреден производ има многу импути, а еден од нив е електричната енергија. Во делот на тој импут, тоа што моментално го имаат е двојно пониска и согласно таа формулација најверојатно ќе бидат намалени цените на финалните производи. Имаме механизми како Влада, ако тоа се злоупотреби можеме директно да донесеме одредени одлуки согласно за замрзнување на одредени цени на основни прехранбени производи“,додаде Бектеши.

Проценките, според него, се дека за еден месец треба да се стабилизира пазарот, па потоа за 10 отсто би можела да се спушти цената на основните производи.

 

Back to top button
Close