Лефков: „Над 80% од граѓаните сметаат дека уставни измени под диктат на Бугарија не треба да се прифаќаат, само Филипче ги промовира и поддржува“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција изјави дека според, како што наведе, анкетите, повеќе од 80 проценти од граѓаните сметаат дека уставни измени под услови и диктат од Бугарија не треба да бидат прифатени.

„Над 80 отсто од граѓаните сметаат дека уставни измени под диктат на Бугарија не треба да се прифаќаат, само Филипче ги промовира и поддржува“, рече Лефков на прес-конференција.
Тој обвини дека Венко Филипче и СДС работат спротивно на интересите на македонските граѓани и дека, според него, се ставиле во служба на бугарските позиции.
„Филипче и СДС одат против македонскиот народ кој бара пристапување на Македонија во Европската Унија со достоинство, интегритет и идентитет“, истакна Лефков.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека СДС и во минатото ги ставале приватните пред државните интереси, тврдејќи дека тоа се покажало и во периодот кога биле на власт.
Тој порача дека граѓаните ѝ даваат силна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за, како што рече, државата исправено да ги брани својата историја, култура, јазик и идентитет на европскиот пат.






