Лекарите не сакаат на работа со отпечаток од прст — ќе го оспорат предлогот на Уставен суд
Голем е отпорот на здравствените работници околу идејата на министерот за здравство Азир Алиу да воведе систем за евиденција на работното време со отпечаток од прст. Лекарите не сакаат да се евидентираат со таканаречениот „фингерпринт“, а дел од нив ни потврдија дека доколку во нивната клиника се имплементира ваквиот начин на контрола на работното време, тогаш предлогот ќе го оспорат пред Уставниот суд, пренесе СП.

– Во Европската Унија има низа прописи дека не треба да се употребува биометриската евиденција за контрола на работното време кога има голем број алтернативи. Но, доколку дојде ред тоа да се спроведува кај нас на Клиниката, гарантирам дека ќе има штрајк, а јас прв ќе го оспорам предлогот пред Уставен суд, изјави за „Слободен печат“ специјалист од скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“.
Министерот за здравство Азир Алиу пак за „Слободен печат“ вели дека системот за отчитување на присуството на работа со отпечаток од прст веќе функционира во Министерството за здравство за сите вработени вклучително и за него. Секое утро министерот вели дека се евидентира на работа со отпечаток на прст. За дилемите околу заштитата на личните податоци, Алиу за „Слободен печат“ објасни дека е пронајден начин да се надминат проблемите и да бидат заштитени личните податоци.
-Секој дава отпечаток од еден прст, по сопствен избор. Но, откако ќе се добие тој отпечаток, истиот се претвора во бинарен код од единици и нули и ние всушност располагаме само со кодот, а не со самиот биометриски податок на човекот. Со други зборови, ги немаме отпечатоците од прстите. На 1 јули во Министерството за здравство ќе бидат деактивирани сите картички и единствено ќе може да се влезе со отпечаток од прст за вработените, рече министерот за „Слободен печат“.
И тој е свесен дека лекарите не се рамнодушни на реформата и не ја восприемаат со големо задоволство. Но, сепак наскоро ќе биде отворена постапка за имплементација на систем за евиденција на работното време со отпечаток од прст за поголем дел здравствени институции ширум државата. Процесот ќе го спроведува Министерството за здравство, но не за сите јавни здравствени установи, туку етапно, зашто потребно е да има кадар кој ќе го одржува системот.
Една од причините за отпорот, според повеќе лекари со кои разговаравме е тоа што системот за отчитување на работното место со отпечаток од прст не е унифициран. Со други зборови, за некои клиники важи, а во други не важи.
Директорот на Клиниката за торакална хирургија доктор Игор Џиковски вели дека уште во клиниката со која раководи нема ваков систем. Но, дека набавката на апаратите ќе биде преку Министерството за здравство.
-Добивме барање од Министерството за здравство да одговориме дали постоечкиот систем што го имаме може да се надгради. Тој систем моментално не е компатибилен за надградба за фингерпринт, така што ќе мора да се инсталира нов, вели за „Слободен печат“ доктор Џиковски.
И неговиот впечаток е дека вработените на најавата за евиденција со биометрија реагираат поделено, а причината е во тоа што работното време на лекарите е недефинирано и тие одат да ги посетуваат пациентите и за викенди и навечер.
-Има отпор за сè што е ново – вели доктор Џиковски.
Системот за евиденција со биометрија се имплементира на Клиниката за инфективни заболувања при Клинички центар „Мајка Тереза“. Директорот доктор Фадил Цана за „Слободн печат“ вели дека регистрацијата на вработените е во тек и сè уште не е целосно завршена бидејќи дел од нив се на одмор или се отсутни по други основи.
-По завршувањето на процесот, системот ќе биде целосно функционален. Системот не е набавен од Клиниката, туку е дел од активностите што се спроведуваат на ниво на Министерството за здравство. Што се однесува до вработените, процесот на регистрација и имплементација се одвива непречено. Станува збор за мерка за унапредување на евиденцијата на работното време и досега не сме имале значајни реакции или проблеми во нејзиното спроведување – ни изјави доктор Цана.
На страницата на Бирото за јавни набавки во најновиот тендер од 15 април годинава, Институтот за трансфузиона медицина набавил и „фингерпринт читачи“ но според нашите извори во Институтот, уште не се ставени во функција.
Во Европската Унија регулативата за заштита на податоците (General Data Protection Regulation), ги смета отпечатоците од прсти за биометриски податоци од категоријата „посебни категории лични податоци“, заедно со здравствените податоци, религиозните верувања и етничкото потекло. Обработката на оваа категорија податоци е забранета освен ако не се применува конкретен исклучок.
Ова го прави прагот за користење на отпечатоци од прсти екстремно висок, особено кога станува збор за нешто толку рутинско како што е присуството на работно место. Регулативата за заштита на податоците бара согласноста за користење на отпечатоците да биде слободно дадена, што во ситуација каде што постои работодавач и работник, ретко постои. Со други зборови, ако работникот одбие да ги даде своите отпечатоци, може да се соочи со последици по работното место.






