Лекарот на американскиот Конгрес соопшти дека Меконел е добар со здравјето
Лекарот на американскиот Конгрес соопшти дека лидерот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел е добар со здравјето и може да продолжи со неговите работни задолженија, откако републиканецот вчера доживеа уште една епизода на „замрзнување“ додека одговараше на прашање на новинари во Кентаки.
-Се консултирав со лидерот Меконел и имав разговор со неговиот невролошки тим. По евалуација на вчерашниот инцидент, го информирав лидерот Меконел дека тој е медицински добар да продолжи со неговиот распоред, д-р Брајан Монахен, кој се грижи за здравјето на членовите на Конгресот, напишал во писмо испратено од канцеларијата на Меконел.
Првите знаци за загриженост за здравјето на Меконел се појавија откако сенаторот од Кентаки морничаво „замрзна“ пред камерите на прес-конференција на Капитол Хил при крајот на јули, кога замолчи и се вкочани 19 секунди, пред да биде одведен од новинарите. Кратко по тоа Меконел се врати и им кажа на новинарите „добро сум“.
На настанот вчера, помошник му пријде и го праша „дали го слушнавте прашањето, сенаторе“, тој продолжи да молчи. Потоа, одговори кратко на прашање за јавниот обвинител на Кентаки, иако помошникот мораше да го повтори прашањето.
-Случаи на мала несвестица не се невообичаени при закрепнување од удар и исто така може да резултираат од дехидрираност, изјави Монахен.
Меконел имаше неколку падови во изминатиот период и при еден скрши ребро, па беше отсутен од Конгресот. Како мал, тој боледувал од полио, затоа одот му е несигурен.
Портпарол на лидерот на републиканците после инцидентот кажа дека тој се почувствувал „моментална несвестица и паузираше“ во текот на пресот. Помошник на сенаторот рече дека тој ќе се консултира со доктор пред неговиот следен настан. Неколку часови по оваа епизода Меконел присуствуваше на кампањски настан со републиканецот Џим Банкс, кој се кандидира за сенатор од Индијана.
Меконел (81) е партиски лидер со најдолг стаж во Сенатот. По епизодата вчера неговите колеги му посакаа брзо оздравување. Претседателот Џо Бајден им рече на новинарите дека тој зборувал со сенаторот и немал грижи за способностите на Меконел да ја врши својата работа на Капитол хил.