Лекарската комора апелира да се изнајдат механизми за прераспределба на постоечкиот кадар од Скопје во другите градови
Трендот на миграција на лекарите е присутен во земјава, но од Лекарската комора велат дека поголем проблем е тоа што има голем број на лекари во Скопје, а дефицит во останатите градови. Доколку се изнајдат механизми за редистрибуција на постоечкиот кадар, велат дека би се подобрила достапноста на медицинските услуги во целата држава.
Лекарите и другите здравствени работници се најважниот капитал на здравствениот систем што треба да се почитува, заштити, поддржи и навремено надополнува за системот да биде во кондиција, да испорачува квалитетна здравствена заштита, истакнува Лекарската комора по повод одбележување на 7 април-Светскиот ден на здравјето.
За да останат лекарите во земјата апелираат да се поедностави полтиката за вработување во јавното здравство.
На младите лекари неопходно е да им создадеме услови за вработување веднаш по завршување на образованието коишто ќе им гарантираат пристојни приходи, но и олеснување на условите за специјализација, за што се направија некои позитивни промени, но процесот сè уште не е завршен. Реформите во примарното здравство, исто така очекуваме да имаат позитивен импакт на ова прашање, се вели во соопштението.
Исто така, посочуваат дека мора да престане јавниот линч и осуда на здравствените работници без аргументи.
Лекарите посветено ги извршуваат своите работни обврски и максимално се залагаат да пружат квалитетна здравствена заштита согласно расположливите услови за работа и искрено се борат за животот на секој пациент. Загубата на пациент е тежок удар за секој лекар, што никогаш не може целосно да се надмине. Треба да се има предвид и дека медицинските состојби во одредени случаи знаат да бидат многу комплицирани, болестите да не се прикажат со типични симптоми, а одговорот кој го дава третманот да не биде како што се очекува, додаваат од Комората.
Лекарската комора најави дека го поддржува повикот на Светската здравствена организација со која се презема итна акција за регулирање на прашањето со здравствените работници и поставување на овој проблем како стратешки приоритет.
Според проценките на СЗО, до 2030 година се очекува да има недостаток на 10 милиони здравствени работници ширум светот, а овој проблем особено ќе е изразен во земјите во развој.
Во Македонија има 9.520 активни докторки лиценци. Лиценците се издаваат со период на важење од седум години, по што се обновуваат согласно законските услови.
Минатата година 435 доктори на медицина положиле стручен испит и за првпат се стекнале со лиценца за работа. Сериозен притисок за наредниот период прави и старосната структура на лекарите кои сега работат, особено во одредени сегменти на здравствениот систем, покажуваат податоците од регистар на продолжени и обновени лиценци за работа на Лекарската комора.