Ленарчич: ЕУ ја зголемува хуманитарната помош за Палестина

Европската Унија ја зголемува својата хуманитарна помош за најранливите категории на граѓани во Палестина за осум милиони евра, јави дописничката на МИА од Брисел.

Со ова зголемување помошта ќе достигне 34,4 милиони евра оваа година, информираше Европската Комисија.

Дополнителните фондови се мобилизираат за жртвите од насилството од последните недели во Палестина, пред сѐ најранливите категории на граѓани, кои се и најпогодени.

-По најавата за прекин на огнот витално е да има итен хуманитарен пристап за да се олесни страдањето на многуте невини жртви. Ништо не може да ги врати изгубените цивилни животи во овој последен конфликт и шокирани сме од бројните умрени деца, од кои единаесет во Газа, кои имаат пристап до програма за нега на траума поддржана од ЕУ, изјави еврокомесарот за хуманитарна помош, Јанез Ленарчич.

Тој додаде дека ЕУ ќе ги задржи своите програми во Палестина поврзани за здравствената  нега, образованието, пристапот до безбедна вода и финансиска помош во готовина.

-ЕУ инсистира на почитување на меѓународното хуманитарно право и не може да прифати присилно раселување на цивили и уривање на домови и училишта, порача Ленарчич.

Освен осумте милиони евра итна помош предвидени се и 200 илјада евра за Палестинската црвена полумесечина за испорачување на итна медицинска помош во Газа и на западниот брег, вклучително и источен Ерусалим. 

Back to top button
Close