Ленче Ристоска реагира до Мицкоски: Ризикуваме да испратиме порака дека подобноста е поважна од компетентноста на новиот државен обвинител
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера посочи дека од четирите кандидати за државан јавен обвинител за кои Советот на јавни обвинители даде позитивни мислење, на владината листа се три имиња, а меѓу нив не е и бившата обвинителка од СЈО, Ленче Ристоска.

Во врска со изјавата на Претседателот на Владата дадена во вчерашното интервју, реагираше Ристоска која вели дека кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат.
“Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност.
Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува. Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество”, вели Ристоска, објави Скопје1.мк.






