Летаат ли кинески балони со пари низ македонските медиуми?  

Дали владата на Кина ги плаќа македонските медиуми за да формира беспрекорна репутација пред македонската јавност, притоа прикривајќи го својот авторитаризам и економските должнички замки? Одговорот е: Да. Всушност, спонзорирањето и плаќањето за натписи кои преувеличуваат и целосно лажат за вистинските намери на Кина е дел од медиумската стратегија на Кина, која се стреми да изгради беспрекорна меѓународна слика за земјата. Сепак, ваквиот имиџ e далеку од вистината.

Едноставно, доволно е да се погледне во стапицата со долгови што Кина ја користи во Црна Гора или во многу делови на Африка; или да се погледне политиката на Кина за испраќање на сопствените малцинства во Ксинџијанг во „логори за превоспитување“, или да се погледне политиката на Кина за спроведување на генетско мапирање на сопственото население.

Зар може некој да каже дека вредностите или економските политики на владата на Кина се усогласени со нашите демократски вредности?

Неодамна, неколку македонски медиуми еднострано објавија извештаи во кои ја фалат Кина, со што очигледно ги занемаруваат, па дури и пркосат на нивните професионални новинарски стандарди и етика, и како резултат на тоа, овие медиуми поддржаа земја која може да го потоне македонското население во драконски долгови или да доведе до скршнување од демократскиот пат.

Наместо да известуваат за последиците од навидум добронамерните понуди за помош на Кина, кои всушност служат за поткопување на стабилноста на демократските нации и нарушување на личните слободи, неодамна, некои членови на македонските медиуми ја пофалија Кина како шампион на светот. На пример, еден македонски деловен портал неодамна објави натписи во кои ја воздига Кина како земја која „ги жнее плодовите од развојот на големите превозници на ЛНГ“ или земја која „го копира докажаниот рецепт за развој“, гласно фалејќи се со „договорот на векот“. Некои од натписите тврдат дека „Појас и пат отиде подлабоко и донесе богати плодови во изминатите 10 години“, што, имајќи ја предвид состојбата на нашиот пат до Охрид, го наметнува прашањето за тоа кој навистина стои зад објавувањето на ваквите текстови во кои се велича Кина?

Вистината е дека овие натписи изгледа служат како еден вид на неофицијална реклама, а не како професионално, непристрасно и проверено новинарство, што на крајот сугерира дека Кина тајно фрлала балони полни со пари во македонските медиуми. Со искористување на слабите македонски регулативи и тајно плаќајќи за натписи кои имаат за цел да ја убедат јавноста дека Кина е едно волшебно место, Кина може, според зборовите на неодамнешните медиумски стории, да ги „жнее плодовите на развојот“ на сметка на нациите домаќини. Но, треба да се запомни дека дури и да не е лесно да се открие кој стои зад овие платени реклами, исто така не е невозможно.

Треба да се напомене дека македонските медиумски натписи споменати погоре ги следат напорите на Кина да понуди неправедни кредитни линии кои би помогнале земјите кориснички на тие кредити да платат за кинеска работна сила и материјали за масивни проекти. Овие проекти најчесто никогаш не се комплетно завршени, а квалитетот на завршената работа е незадоволителен. Всушност, резултатите од овие проекти, не само низ целиот свет, туку и во нашето соседство, ги оставија земјите заробени во огромни долгови и оптоварени со недовршени инфраструктурни проекти. Доволно е само да го погледнеме патот до Охрид за доказ.

Сосема на крајот, прашањето што треба да си го поставиме не е дали Кина може да донесе економски придобивки за Северна Македонија, туку дали ангажманот со владата на Кина, имајќи ги предвид нејзините авторитарни вредности и нејзините економски должнички замки, ќе може некогаш да се усогласи со вредностите и иднината што ја сакаме за нашите деца?

А.К.

Back to top button
Close