Летечкиот циркус Монти Пајтон, македонска верзија

Многу е убаво да си во опозиција, дури и кога си на власт. Локална.

Тоа изгледа вака: До пладне ВМРО-ДПМНЕ ќе ја обвинува „неспособната и криминална Влада“ дека ја уништува државата со преголемите задолжувања за да се справи со енергетската криза; а попладне ЗЕЛС, на чело со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, ќе се закани на истата таа централна власт дека доколку Владата не им трансферира вонредни пари на општините да ги покријат финансиските дупки предизвикани од енергетската криза, тогаш општините „ќе се радикализираат“ против ненародната власт!

 

Со други зборови, кога државата троши (наши) пари во решавање на националните економски и социјални приоритети, тоа е криминал, непсособност и корупција; а кога од истите тие (наши) пари, со ултимативни барања, се инсистира на помош за општините во справување со енергетските трошоци, јавниот транспорт, парното греење, загадувањето на животната средина, градењето училишта и градинки и сл., тоа се успешните 1.090 проекти што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги испорача на граѓаните како свој голем дострел, бидејќи овие од централната власт се крадци и неспособни за ништо. Плус се и предавници, бидејќи додека трудољубивите градоначалници метат улици во должина од 100 метри и садат пролетни садници по булеварите, баграва од Владава ги распродава националните интереси во преговорите со Бугарите, за што побрзо да почнеме интеграција со ЕУ која ќе ни ги отвори локалните и регионалните фондови на Унијата за помош на општините со кои доминантно владее опозицијата, која едвај чека да добие пристап до тие европски пари за развој, откако централната власт ќе ги предаде националните интереси. Политичко вертиго!

 

Спас од ова? Вонредни избори, за појадок, ручек и вечера! Кој не верува, може да се обрати за стручно идеолошко толкување до Агатангел – оригиналната македонска копија на Саурон, владетелот на Мордор – кој во слободно време е владика во МПЦ за кого Мицкоски е „за гради“ поголем бог од Господ.

 

Паралелно со ова, нашиот политички летечки циркус Монти Пајтон настапува и на затворените седници на Владата, на кои присуствуваат само министри со сертификати за државна тајна, на кои се разгледуваат прашања за… не, не за импликациите од украинската криза врз земјава, ако на тоа мислевте, туку за тоа како тајно да се „протне“ некоја потполно неквалификувана „лепотица“ од подмладокот на ДУИ за генерален конзул во Њујорк. Откако оваа вечерна владина „тајна“ веќе следното утро стана од јавна-појавна, ниту таа ќе замине за Њујорк, а ни надлежниот министер Османи ќе може да измисли доволно вешти вратоломии за да ја ублажи јавната катастрофа од оваа дипломатска кадровска глупост. Освен ако не го објасни како забавно интермецо меѓу две рунди државотворни преговори со Софија.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

Back to top button
Close