Летово внимавајте – новите сообраќајни казни во Грција може да ве „изгорат“
Казни од 350 до 2.000 евра за употреба на мобилен телефон или за неносење кацига на мотор, намалување на дозволената брзина во населените места и зголемување на автопатите, казни од 2.000 до 8.000 евра за брзина од над 200 километри на час, меѓу другото, предвидуваат промените во законот за безбедност во сообраќајот, според алтернативниот министер за транспорт на Грција Константинос Киранакис.
Во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, Киранакис објасни дека измените се вклучени во законот што денеска се очекува да биде доставен до надлежната комисија во Парламентот.
Поконкретно, според алтернативниот министер, за користење мобилен телефон без притоа да се предизвика несреќа, предвидена е казна од 350 евра и одземање на возачката дозвола за 30 дена, доколку се работи за прво прекршување.
При второто, казната е 1.000 евра и одземање на дозволата за 180 дена, а доколку возачот биде фатен по трет пат да користи мобилен додека вози, ќе треба да плати 2.000 евра и една година ќе остане без возачка дозвола.
Слични казни се предвидени и за некористење кацига, како од возачите на мотори, така и од сопатникот.
Ограничувањето на брзината, како што објасни Киранакис, ќе се намали на 30 километри на час за тесни и мали улици во внатрешноста на населбите, на 50 километри на час за главни градски патишта, додека пак на автопатите ограничувањето ќе се зголеми на 140 км/ч.
Вечерните часови за време на викендите според Киранакис се регистрираат најголем број сообраќајни несреќи со смртни последици, а со измените во законот целта е да се елиминира антисоцијалното однесување при возење