Левица апелира до власта да присуствува на Постојаната анкетна комисија, на која ќе се обратат родителите на загинатите во Кочани

Од партијата Левица преку соопштение апелираат до пратениците од владејачкото мнозинство и до поканетите претставници од власта утре да присуствуваат на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, на која ќе се разгледува поднесената претставка од Здружението на граѓани 16 март 2025 година или за јавноста познато како Здружение на родителите на загинатите деца во Кочани.

„Очекуваме да не измислуваат изговори и да се појават на седницата“,

 

велат од партијата.

Оваа седница, според Левица, е свикана по претставка на родителите на загинатите деца од Кочани, а датумот е усогласен со нив, бидејќи утре не е закажано судство рочиште за „Пулс“.

 

„Утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот. Минимум обврска на народните избраници и претставници мора да биде да обезбедат услови во Собранието каде правдата ќе се бара, понуди, слуша и штити, а не простор каде се премолчуваат последиците од институционалните пропусти“,

 

пишува во соопштението на Левица.

Според партијата, досега трипати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани и биле блокирани со директна улога на спикерот Африм Гаши и пратениците на власта.

 

„Изјавите на власта дека токму утре било предвидено да започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за избегнување на седницата, е несоодветно и невистинито. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на буџетот е до 31 декември“велат од партијата.

Апелираат да не се повтори уште еден институционален срам и да не се одржи закажаната седница, оти секое ново саботирање, како што велат од партијата, е уште една навреда за семејствата, но и за народот и уште еден чекор кон одржување на системот што дозволува да се повторуваат трагедии.

„Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена“се вели во соопштението од Левица.

 

Пратеникот на Левица и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, Димитар Апасиев на 27 ноември информираше дека за утре (9 декември) закажал седница на оваа комисија на која ќе се разгледува поднесената претставка од Здружението на родителите на загинатите деца во Кочани.

Посочи дека за да не настане конфузија во јавноста, станува збор за редовна седница на Постојаната анкетна седница, а не надзорна или јавна распорава.

Во случај ако пратениците од власта не дојдат и нема кворум за работа, додаде дека седницата ќе биде прекината.

Back to top button
Close