Левица: Дејан Салтировски и неговиот кумашин Ванчо наместо да завршат зад решетки регрутирани во изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ

Лицата за кои постојат сериозни индиции дека непрофесионално и неодговорно ги обавувале функциите, а особено на критичната вечер, кога можеле да ја спречат трагедијата – наместо да се соочат со одговорност, денес се дел од партиската изборна машинерија на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во пресрет на локалните избори.
Потсетуваме дека пратениците од #Левица поднесоа КРИВИЧНА пријава против Мицкоски за Попречување на правдата, каде што Салтировски е меѓу посочените функционери коишто се спасија од истрага. Сомнежите дека Мицкоски, во договор со, до пред трагедијата критикуваниот, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, успеал да испазари имунитет за вмровски кадри вклучени во случајот се продлабочуваат.
Потсетуваме и на директните лични односи на одговорниот началник на СВР Штип за време на трагедијата, Дејан Салтировски и министерот за внатрешни работи, Панче ТОШКОВСКИ. Имено, постојат информации дека за време на претходната власт, Дејан Салтировски како вработен во гранична полиција на полицајците им нудел потпишано полномошно од тогаш, адвокатот Панче Тошковски. Тошковски сѐ уште нема одговорено дали заедно со Салтировски биле дел од шема за испумпување пари од МВР преку спорови.
Салтировски, денес, и покрај фактите и тежината на сомнежите за вмешаност во корупцијата која придонесе до трагедија од светски размери – вратен е на неговата претходна позиција во граничната полиција, без да биде поведена каква било постапка и истрага.
Левица нема да дозволи оваа трагедија да се претвори во уште еден заташкан случај! Ќе продолжиме со сите расположливи механизми да бараме одговорност – и за трагедијата во Кочани, и за структурниот криминал кој убива и ја разјадува државата.