Левица: Денешната собраниска седница беше театар на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Денешната неуспешна вонредна седница за измена на Изборниот законик, на само два месеца пред денот на локалните избори, претставува уште еден политички циркус во режија на ВМРО-ДПМНЕ, реагира Левица.

„Истата таа партија која во овој мандат за сопствени интереси успеа со ДУИ да најде заеднички јазик за донесување на два системски закони, денес, кога треба да се заштити демократијата и да се овозможи непречена трка на политичките субјекти, одеднаш Бадентеровото мнозинство стана проблем.

Потсетуваме и дека токму премиерот Мицкоски пред неколку месеци тврдеше дека мнозинството е стабилно и дека Бадентерот не им е проблем. Ова се двојни аршини и перфиден обид за замајување на јавноста“, велат од Левица.

Според партијата, се работи за брутална фарса, односно истиот инструмент кој ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беспрекорно го искористија во овој мандат за да протуркаат системски закони, сега одеднаш станал непремостлива пречка кога треба да се создадат услови за вистинска демократија.

„Народот мора да ги казни овие лицемерни и антинародни елити. Додека на хартија глумат бранители на демократијата, во пракса прават сѐ за да го спречат појавувањето на нови политички и граѓански иницијативи што би им се спротивставиле на нивниот коруптивен и клиентелистички картел“, велат од Левица

Back to top button
Close