Левица: Дошница е победа на сплотениот народ, но, борбата не е завршена

Соопштение на Левица

Од првиот ден, активистите и претставниците на Левица беа рамо до рамо со граѓаните во борбата за зачувување на реката Дошница и недопрената природа на Кожуф планина. Нашиот пратеник, Саше Јанчев, беше редовен на блокадите и ја користеше собраниската говорница за да ја пренесе пораката на народот: природното богатство не смее да се претвора во приватна добивка на малкумина. Советниците на Левица во Гевгелија и Кавадарци беа најгласни во општинските совети, бескомпромисно застанувајќи во одбрана на ова богатство.

Повлекувањето на механизацијата од терен е јасен доказ дека само сплотениот народ, решен да се спротивстави на неправдата, може да го порази крупниот капитал и неговите политички слуги. Ова е победа на сите кои ја бранат природата од уништување, но, и силна порака дека народната волја е посилна од милионските интереси на инвеститорите.

Сепак, оваа битка не е завршена. Додека концесијата и дозволата за градба се сè уште на сила, заканата за Дошница и Кожуф останува. Поради тоа, Левица ќе продолжи да биде во првите редови на отпорот и на улица и во институциите, сè додека Владата не ја поништи оваа најавена еколошка катастрофа.

Животната средина е јавно добро што ни припаѓа на сите. Не смееме да дозволиме истата да стане уште една жртва на алчноста и корупцијата. Дошница ќе тече слободна, а Кожуф ќе остане див, зелен и непокорен бидејќи народот така одлучи

Back to top button
Close