Левица: ДПМНЕ го одби нашиот предлог за заштита на бремените работнички од отказ
Пратениците од власта не гласаа за предлог-измените на Левица со кои се предвидува заштита од отказ на работничките за време на бременост, наведува Левица во соопштение.

„Со негласањето за предлог-законот на Левица ќе продолжи неизвесноста на бремените работнички што се вработени на определено време, во услови кога државата се соочува со драстично намален наталитет.
И покрај тоа што формално постои забрана за отказ поради бременост, реалноста во Македонија покажува дека бремените жени, особено оние вработени на определено време, се меѓу најнезаштитените работнички. Газдите масовно ја користат законската празнина со тоа што едноставно не го продолжуваат договорот на определено време, оставајќи ги жените без работа токму во момент кога им е најпотребна сигурност.
Доколку беше усвоен предлогот на Левица, ќе се воведеше автоматска трансформација на договорот на определено во неопределено време во случај на бременост. Ова значи дека бременоста повеќе немаше да биде причина жената да остане без работа по истекот на договорот.
Левица потенцира дека ниедна жена не смее да биде казнета затоа што одлучила да стане мајка. Работничките што се бремени имаат право на достоинство, здравје и сигурност. Кога бремена жена е приморана да ја крие бременоста од страв од отказ, тоа не е личен проблем – тоа е пораз на општеството. Државата има највисока обврска да ги заштити мајките, бидејќи со тоа ја штити сопствената иднина.
Бидејќи не беа поддржани измените на Левица, апелираме до владејачкото мнозинство да не ја игнорира системската дискриминација со која се соочуваат бремените работнички и итно да иницираат измени кои ќе стават крај на голготата и неизвесноста што ги преживуваат жените што одлучиле да станат мајки“, се вели во соопштението на Левица






