Левица: ЕСМ во колапс – Узунчев бара кризна состојба за да го прикрие хаосот

Левица остро реагира на најавите за можна кризна состојба во ЕСМ, оценувајќи дека станува збор за обид да се прикрие, како што велат, катастрофалното и расипничко работење на раководството на државното енергетско претпријатие.

Од партијата наведуваат дека самиот директор на ЕСМ, Лазо Узунчев, ја потврдил неспособноста во менаџирањето, откако во јавноста се појави информација дека побарал од Владата прогласување кризна состојба, наводно поради недостиг на мазут предизвикан од протестите на грчките земјоделци. Според Левица, ваквото барање е „фингиран обид“ со кој Узунчев се обидува Владата да го спаси ЕСМ од долговите и загубите наталожени од раководството поставено од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.

Левица посочува дека доколку навистина е прекината набавката на мазут, ЕСМ има законска можност да бара раскин на договорите со добавувачите поради неисполнување на обврските. „Единствената вистинска криза во ЕСМ е немањето капацитет на директорот Узунчев да раководи со претпријатието, функција која ја добил единствено поради блискоста со Мицкоски“, се наведува во реакцијата.

Како дополнителен аргумент за неспособното раководење, од Левица наведуваат дека ЕСМ годинава ќе ја заврши со рекордна загуба од околу 150 милиони евра, иако, според нив, директорот претходно најавувал добивка. Тие тврдат дека претпријатието не е во состојба редовно да ги исплаќа ниту платите за вработените, поради што, како што велат, раководството спасот го бара во Владата.

Партијата предупредува дека ваквиот акумулиран долг во претпријатие кое со години работело со добивка отвора сериозни сомнежи за криминални шеми и спорни тендери во ЕСМ. Левица најавува дека во наредниот период ќе објави дополнителни информации за неправилности во работењето и ги повикува Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да отворат истрага за случувањата во ЕСМ под раководство на Лазо Узунчев.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close