Левица го поддржува штрајкот на вработените во Македонски Железници: Директорот од Беса да си поднесе оставка

Директорот на Македонски Железници Транспорт, Аднан Азизи од Беса, итно да си поднесе оставка поради колапсот на компанијата, бара политичката партија Левица.

„Левица им дава поддршка на вработените во Македонски Железници Транспорт кои од денеска со целосен прекин на товарниот и патниот транспорт, ќе го изразат својот протест поради неисплатувањето на и онака ниските плати. Раководството на МЖ Транспорт изминатите години ја донесе железница до пропаст и девастација на сѐ што постоеше и функционираше порано. Македонските Железници поради лошиот и криминален менаџмент не се во состојба редовно да ги исплатуваат платите па вработените, кои често добиваат плата на рати, а исто така и не се исплатуваат другите додатоци и надоместоци од плати. Со нередовната и парцијална исплата на платите вработените наместо 12 плати годишно, добиваат 10 и пол плати. Нередовните плати на вработените влијаат при сервисирањето на обврските од кредитите поради кои честопати паѓаат во задоцнување со исплата на ратите поради нередовноста на платите, па се задолжени и со казни од страна на банките“, информираше Левица преку соопштение.

„До пред неколку години, Македонски Железници располагаше со 30 локомотиви, а денес располага со само 12 локомотиви, што е причина за намалените приходи и опасност од отпуштање на стручниот кадар, кој и онака се помалку го има. Единствените приходи кои МЖ АД Скопје ги има се од товарниот транспорт, додека патничкиот транспорт е целосно уништен. Приходот од товарниот транспорт не е доволен да ги сервисира сите обврски на целата компанија, па и затоа менаџментот ја моли владата за донации како би можеле да се исплатат платите. Најавениот штрајк во Македонски Железници започна со вработените во работилниците и трае веќе неколку дена, а од денеска ќе протестираат и машиновозачите со што ќе го прекинат целиот процес на работа. Потребно е да понесат одговорност сите директори на МЖ кои ја доведоа до пропаст оваа компанија и сериозно да пристапат кон подбрување на железничката инфраструктура која е срцето на секоја држава – а тоа да почне со разрешување на актуелниот директор од Беса, Аднан Азизи. Политиките да се насочат кон градење на нови железнички пруги и да се подобрат условите за работа на вработените и условите на транспорт за патниците и товар за да не ја изгубиме оваа значајна компанија за Македонија“, соопшти Левица.

Back to top button
Close