Левица: И „Тигрите“ биле деградирани во „мачиња“, загрозен им е статусот
Левица реагира на, според партијата, незавидната положба во која се оставени припадниците на елитните единици (ЕБР и САЕ Тигар) која резултирала со се поголем одлив на кадри од овие специјални единици, кои се клучен столб за безбедноста на државата.
-И покрај високата мотивираност и професионализам на припадниците на овие единици, условите под кои работат се потценувачки и деградирачки. Имено, во континуитет во овие единици грубо се кршат правата од работен однос, додека и платите кои се исплаќаат не се соодветни за ризикот на работните задачи. Информациите кои пристигнаа до Левица се дека вработените во елитните единици се изложени на намалени плати во случај на боледување, додека истовремено се и прекумерно ангажирани поради недостиг на полициски службеници.
Дополнително, воспоставена незаконска пракса во овие единици е да не се исплаќа надоместокот за одвоен живот, кој законски им следува на вработените и поради чие неплаќање, МВР може да се соочи со тужби од работни спорови. Како деградирачките плати да не се доволни, вработените во ЕБР и САЕ Тигар се оставени без правото на бонус плати, каде преку разни импровизации вишокот на неплатени часови се заменуваат со слободни денови, соопшти Левица.
Партијатра апелира до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски веднаш да преземе системски мерки за надминување на неповолните и деградирачки услови под кои работат елитните единици.
-Изминатиот период дел од припадниците во ЕБР и Тигри се изложени на неосновани квалификации за незаконска исплата на патни трошоци, што дополнително влијае врз моралот и мотивираноста во овие единици. Пожртвуваноста и мотивираноста на елитните единици во секоја држава се суштински елемент во гарантирањето на безбедноста и било каква деградација на нивниот статус може да предизвика сериозни безбедносни импликации во иднина, порачуваат од партијата.