Левица: Кадар на ДУИ е именуван за заменик директор на Агенцијата за национална безбедност
Владата на ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ го именувала Бесник Ферати на позицијата заменик-директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Бесник Ферати како кадар на ДУИ беше заменик и на претходниот директор Еролд Муслиу кој го следа бројни скандали, а за кои ревносно реагираа токму и од сега владејачката ДПМНЕ, соопшти политичката партија Левица.
„Иако Законот јасно наведува дека директорот и неговиот заменик, како и вработените во АНБ не смеат да бидат членови на политички партии – Ферати е познат како кадар на ДУИ и според информациите, близок со Артан Груби и Али Ахмети. Дополнително, за Ферати постојат и информации кои велат дека е поврзан со разни кланови и ‘бзнисмени’ со сериозен криминал.
Пред само две години од претходниот и актуелен заменик-директор на АНБ, Бесник Ферати, излезе снимка каде тој заедно со ексминистерот Крешник Бектеши мавтаат со албанско знаме за што беа крајно изреволтирани членовите на ДПМНЕ и се надеваа, апелираа до нивниот лидер кога ќе дојде на власт да ја расформира тогашната структура на АНБ. Сепак, евидентно, тоа не се случи, а наместо реформирање, денешната власт ги продолжува истите практики и ги рехабилитира контроверзните кадри на претходната владејачка коалиција СДСМ–ДУИ“, велат од Левица.
Се додава дека нејасно е и дали, а доколку да – како Бесник Ферати го поминал полиграфското тестирање за проверка на професионалниот интегритет, за кое се најавуваше дека од февруари годинава конечно ќе профункционира.
Според Левица, може да се заклучи дека АНБ е еклатантен приемр на „како досега” владеењето.
„На чело имаме директор од владејачката партија со крајно спорни дипломи, а негов заменик е кадар на ДУИ“, се додава во партиското соопштение.
Извор: utrinskivesnik.mk