Левица: Клековски да обезбеди бесплатен пристап до приватните ПЕТ скенови за онколошките пациенти

Министерот за здравство, Сашо Клековски, конечно признава дека ПЕТ/КТ не работи повеќе од еден месец, но сега се обидува проблемот да го претстави како техничка игра на зборови: „скенот не е расипан, проблемот е во циклотронот“. За пациентот со рак, оваа разлика е бесмислена. Ако поради нефункционалниот циклотрон не може да се изврши ПЕТ/КТ снимање, тогаш ПЕТ/КТ услугата не функционира. И тоа повеќе од еден месец. Уште полошо, самиот министер вели дека ако за „еден или два дена“ нема решение, дури тогаш ќе се пристапи кон други мерки, велат од Левица.

Од партијата вела дека онколошките пациенти веќе изгубиле повеќе од еден месец.

Од Левица велат дека неосновано е тврдењето дека магнетната резонанца и другите стандардни методи можат едноставно да го заменат ПЕТ/КТ.

„ПЕТ/КТ е клучна метода за утврдување на распространетоста на болеста и носење одлуки за понатамошниот третман. Канадска студија на 3.429 ПЕТ/КТ испитувања во онколошки центар покажува дека резултатите од снимањето довеле до промена на одлуката за третман речиси 50% од случаите, а кај 80% од случаите го подобриле донесувањето на одлуките. Други големи податоци покажуваат промена на планираното лекување кај речиси 40% од онколошките случаи. Со други зборови, резултатот од ПЕТ/КТ може да одреди дали пациентот ќе ја добие вистинската терапија или ќе се лекува според погрешна проценка, велат од Левица.

Од партијата велат дека онколошките пациенти треба да ја добијат оваа услуга на приватно без да платат.

„Ако државниот ПЕТ/КТ не функционира, пациентите со медицинска индикација мора веднаш да се упатуваат во приватен капацитет, без тие да платат ниту денар. Државата може да организира снимање во приватниот капацитет и да го надомести по цена соодветна на онаа што ја покрива ЈЗУ ПЕТ-центарот. Не ни е јасно што точно ја спречува Владата да го примени истиот принцип и овде. Приватните болници не се екстериторијална држава – кога државата нема функционален капацитет за витална дијагностика, нејзина обврска е да обезбеди услуга таму каде што таа постои, а не да им каже на болните сами да си ја платат. Левица не бара само одговорност за дефектот, туку бара решение што може да се спроведе веднаш. Ако Владата толку добро знае да ги заштитува и да им го отвора патот на приватните болници, тогаш нека ја употреби таа „соработка“ сега за да ги заштити граѓаните. Во Систина постои функционален ПЕТ/КТ и државата мора веднаш да организира снимања за сите пациенти со медицинска индикација, без тие да платат ниту денар, а трошокот да биде покриен од ФЗО по цена соодветна на онаа во јавниот систем. Не може приватните болници да бидат добри само кога треба да се заработува, а да не се искористуваат нивните капацитети кога треба да се спасуваат животи“, велат од Левица.

 

Од таму додаваат дека неприфатливо е цела Македонија да зависи од еден единствен ПЕТ/КТ апарат.

 

„Македонија мора да има најмалку два функционални државни ПЕТ/КТ скенери и набавката на втор апарат мора да започне ВЕДНАШ без нови одложувања и изговори“, велат од Левица

Back to top button
Close