ЛЕВИЦА: КЛЕКОВСКИ ГО ОСТАВИ ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО СО МИЛИОНСКИ ПРОБЛЕМИ, ДПМНЕ ГО НАГРАДИ СО МИНИСТЕРСКА ФУНКЦИЈА

📣За ДПМНЕ, очигледно, негативен ревизорски извештај не е причина за политичка одговорност, туку препорака за унапредување. Додека Државниот завод за ревизија констатира сериозни финансиски и системски пропусти во работењето на Фондот за здравствено осигурување, поранешниот директор на Фондот, Сашо Клековски, денес е награден со раководење на едно од најважните институции, Министерството за здравство.
❗️Ревизијата покажува дека Фондот не располага со повеќе од 136 милиони евра придонеси што ПИОМ не ги префрлил, со што сериозно се нарушува неговата ликвидност. Истовремено, Фондот се соочува со судски спор во кој германска болница бара над 430.000 евра за лекување на македонски пациенти, затоа што не биле исполнети преземените финансиски обврски.
➡️Дополнително, ревизорите констатираат дека значителен дел од нивните препораки остануваат нереализирани трета година по ред, што претставува јасен показател дека забелешките тенденциозно се игнорираат.
‼️Овие наоди објаснуваат зошто здравствениот систем со години функционира во постојана финансиска неизвесност. Не е случајно што граѓаните сведочат за доцнење на надоместоците за породилно отсуство, што здравствените установи постојано алармираат за ненавремени исплати, ниту што Фондот завршува во судски спорови со странски болници. Кога институцијата што треба да го финансира здравството работи со милионски финансиски слабости и со години ги игнорира ревизорските препораки, последиците неизбежно ги чувствуваат пациентите и осигурениците.
🎯Особено загрижува фактот што најголемиот дел од овие наоди се однесуваат на периодот кога со Фондот раководеше Сашо Клековски. Во секоја држава во која постои политичка одговорност, ваков ревизорски извештај би бил основ за темелна анализа на неговото работење и утврдување одговорност. Кај нас се случи спротивното – ДПМНЕ го постави Клековски на чело на Министерството за здравство. Наместо да сноси последици за работењето на институцијата, тој беше унапреден да раководи со целиот здравствен систем.
📌Ништо не укажува дека Владата има намера да го смени овој пристап. Напротив, за директор на Фондот беше поставен Златко Перински, функционер чие име и претходно беше поврзувано со сериозни контроверзии околу управувањето со јавни средства. Во услови кога Фондот се соочува со долгогодишни финансиски слабости, повторени ревизорски забелешки и нарушена доверба во неговото работење, на институцијата ѝ е потребно стручно и кредибилно раководство кое ќе понуди решенија, а не нова некадарна политичка ротација.
🚩Левица бара актуелниот директор на ФЗО, Златко Перински, јавно да презентира конкретен план со рокови за спроведување на сите ревизорски препораки, за надминување на долгогодишниот проблем со неплатените придонеси, за решавање на судските спорови кои го оптоваруваат Фондот и за воспоставување систем што ќе спречи истите пропусти повторно да се констатираат во следниот ревизорски извештај.






