Левица: Кого прави будала Јаневска? Каде во листите за студентски домови се објавени бодовите како што наложува Правилникот?!

Весна Јаневска повторно лаже и повторно сама себе се побива. Денеска прогласи дека за приемот во студентските домови се ширеле лажни вести и дека постапката била регуларна. Проблемот е што нејзината изјава не ја побиваат опозицијата, студентите или нечии толкувања, туку Правилникот што самата Јаневска го донела и потпишала пред два месеци.
Новиот Правилник за начинот на прием на студентите во државните студентски домови исто како и старите, во член 13 не остава простор за неумесни толкувања: „Списокот на студентите СО ДОБИЕНИТЕ БОДОВИ се објавува на интернет страницата на Министерството за образование и наука и на интернет страницата на домовите.” Веднаш потоа, член 14 наложува определените лица во МОН да го изготват списокот на примени студенти и да го објават согласно член 13. На истиот документ стои и потписот на министерката Весна Јаневска.
А што објави Министерството? Само списоци на примени студенти по домови. Во јавно објавените листи се наведуваат лични и административни податоци за кандидатите, но нема колона со освоените бодови врз основа на кои е извршено рангирањето како што бара Правилникот. Затоа, го поедноставуваме прашањето кон Јаневска за да успее да нѐ сфати и да не бега при изјавите: Јаневска, каде се бодовите?
Ова е особено сериозно и е далеку од небитна административна маана. Правилникот детално определува како се добиваат бодовите, зависно од категоријата, се пресметуваат успехот, семејно-материјалната положба и редовноста во студирањето, со точно утврдени формули и максимум од 100 бодови. Ако бодовите се основа за рангирање, а резултатите се објавуваат без нив, студентот нема како да провери зошто еден кандидат е примен, друг одбиен, каде е пресечена границата и дали критериумите се применети еднакво и согласно Законот за студентски стандард и Правилникот.
Уште понесмасно е што Јаневска ваквите прашања да ги прогласува за „лажни вести” и лаконски ги отфрла, кога Државниот завод за ревизија веќе предупреди токму на овој проблем во претходни постапки! За конкурсот 2022/2023 ревизорите не добиле поткрепувачка документација дека МОН извршило бодирање, односно утврдиле дека апликациите биле обработувани рачно и внесувани во Excel-табели без да се изврши бодување. Заклучокот на ДЗР е она на кое алудираме и ние, т.е. дека непостоењето на бодирање и такво објавување на ранг-листите овозможило субјективно постапување и фаворизирање на дел од студентите.
И ова не е првпат Јаневска брутално да лаже и нејзината јавна реторика да се судри со документите на нејзиното Министерство. Таа пред неколку недели тврдеше дека откако дошло ДПМНЕ на власт веднаш, и тоа двапати, го зголемиле износот за субвенциониран студентски оброк, а распиша повик со износ од 140 денари, односно ист износ како и во 2023 година пред да дојде ДПМНЕ на власт, и тоа, спротивно на Законот којшто бара усогласување со годишната инфлациска стапка.
Затоа, веќе имаме многу сериозен проблем со кредибилитетот и воопшто, точноста на нејзините јавни тврдења.






