Левица: Најавата на Дурмиши за нови триста вработувања е предизборна злоупотреба на ранливите категории граѓани

Задолжувањето од една милијарда со кредит не е доволно за да ги задоволи апетитите за дневен ПР и предкампањата на избраниците на власта. Оттука, циклусот на вработување пред избори, без исклучок наидува на ново повторување. Овој пат, под закрила на лицата од ранливите категории и лажна хуманост, Министерот за економија Дурмиши, најави триста нови вработувања, соопштија од Левица.

За наводното подобрување на квалитетот на услугите на лицата од ранливите категории, огласот ќе биде објавен на почетокот од месец август, а веројатно вработувањата ќе започнат од септември, односно во месецот во којшто и започнува предизборната кампања за Локалните избори. Оваа времена рамка во најмала рака овој процес го прави политички мотивиран и слободно може да се оцени како обезбедување и задоволување на сопствената партиската војска, обвинија од партијата.

Покрај тоа што се очекува вработувањата да се случат непосредно пред локалните избори, Владата на чело со Мицкоски и Министерството за економија иако најавија ангажман од 18 месеци, обезбедиле средства за плати на овие луѓе од САМО ШЕСТ МЕСЕЦИ. За Дурмиши и власта ова не е проблем, бидејќи остатокот од трошоците тие го префрлаат на товар на единиците за локална самоуправа, дополнија од партијата.

Овој потег на власта Левица децидно го оценува како предизборно вработување од времен карактер. Сметаме дека наместо конкретна помош, лицата од ранливите категории максимално што ќе добијат е времено ограничена поддршка без измерливост на квалитетот на услугите. Наместо времено-партиски вработувања, ранливите категории на граѓани имаат потреба од концепиран државен систем, којшто им обезбедува ПОСТОЈАНА ПОДДРШКА согласно нивните потреби, поентираа од Левица

Back to top button
Close