Левица: Николоски свесно лаже дека хотелот на Мијалков се гради согласно урбанистичките правила – со непостапување му ги легализира криминалните пари

Соопштение на Левица

Обвинувања за свесно лажење, институционална неактивност и прикривање на незаконска градба беа упатени кон министерот за транспорт и врски, Ацо Николоски, во врска со изградбата на хотелот на Сашо Мијалков во Охрид. Од политичката партија Левица тврдат дека објектот се гради спротивно на урбанистичките и еколошките прописи, додека надлежните институции, предводени од кадри на власта, не преземаат мерки, овозможувајќи, како што велат, легализација на средства со сомнително потекло.

 

Обраќање на членот на Централниот комитет на Левица, Круме Богевски:

 

Според изјавите на министерот Николовски за хотелот-дивоградба на Мијалков, очигледно ДПМНЕ уште мислат дека се опозиција, иако две години имаат апсолутна власт на централно и локално ниво.

Целосна лага е дека хотелот на Мијалков во Охрид се гради согласно урбанистичките правила и тоа министерот за транспорт добро го знае. Фактите се следни:

Прво, хотелот на Мијалков нема решение за одобрување на елаборат за животна средина. Надлежен орган кој не постапил е Инспекторатот за животна средина со кој раководи кадар на власта.

Понатаму, Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион предвидува обврска општина Охрид да го ревидира спорниот ДУП каде се гради хотелот. Повторно надлежен орган кој не постапил е градоначалникот Пецаков, кадар на власта.

Општина Охрид нема донесено Одлука за прекин на примената на сите акти со кои се дозволува урбана трансформација на брегот на Охридското Езеро. Ова е Обврска од Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион. Бидејќи Пецаков не донел ваква Одлука, хотелот-дивоградба продолжи да се гради. Повторно одговорноста е во кадрите на власта.

Оттука небулозна е изјавата на министерот Николоски дека становите поскапуваат затоа што не се носат ДУПови и не може да се гради заради некаква хистерија. Додека хотелот на Мијалков се гради токму затоа што градоначалникот Пецаков не носи нов ДУП и одлуки кои бил должен да ги донесе и да го спречи ова урбанистичко дивеење на Охридското езеро.

Апелираме до министерот Николоски да престане да се однесува како опозиционен политичар и доколку навистина е загрижен за потеклото на парите на неговиот поранешен сопартиец Мијалков – веднаш да поднесе пријава до Управата за финансиско разузнавање. Затоа што и со оваа институција раководи кадар на власта, па се поставува прашањето – зошто ДПМНЕ цели две години нема поднесено пријава за да се истражи потеклото на имотот на Мијалков, додека со сето непостапување на нивниот градоначалник, Мијалков ги легализира криминалните пари во хотел-дивоградба.

Back to top button
Close