Левица: Обвинетиот Марковски ја напушти државата со амин на правосудството
Судот мора јавно да соопшти кој судија ја донел одлуката за враќање на пасошот и да го објави целосното образложение врз кое се темели таа одлука… Особено загрижува што позитивно мислење за враќањето на пасошот дало Вишото јавно обвинителство во Битола, со кое раководи Пецо Везироски, велат од Левица.

„360 Степени“ вчера објави дека битолскиот бизнисмен и почесен конзул на Белорусија во земјава, Борче Марковски, бил задржан на граничниот премин „Табановце“, но по извршените проверки му било дозволено да ја напушти државата бидејќи против него немало активна мерка која би го спречило да ја премине државната граница
Обвинетиот Марковски ја напушти државата со амин од правосудството, реагираат од Левица по веста дека само неколку дена откако Основниот суд во Струга му го врати пасошот бизнисменот Борче Марковски, обвинет за злоупотреби со тендерите во РЕК „Битола“, ја напушти Македонија.
„Лицето за кое претходно постоеја мерки за обезбедување на неговото присуство во кривичната постапка, преку ноќ престана да претставува опасност од бегство. Денес, наместо пред судските органи, Марковски е недостапен за државата која самата му ја овозможи можноста да замине. Најголемиот апсурд е што Марковски не избега спротивно на институционалните мерки, туку откако тие беа ублажени. Пасошот не му беше вратен затоа што престанала опасноста од бегство, туку поради прифатена имотна гаранција. Судот сè уште не објасни врз основа на кои конкретни законски одредби оценил дека имотната гаранција е доволна причина да се укине мерката за одземање на патната исправа“велат од Левица.
За нив, по секоја правна логика, ако постои ризик обвинет да стане недостапен, мерките треба да се зајакнуваат, а не да се ублажуваат.
„Особено загрижува што позитивно мислење за враќањето на пасошот дало Вишото јавно обвинителство во Битола, со кое раководи Пецо Везироски. Станува збор за истиот виш јавен обвинител против кого пратеничката Јована Мојсоска веќе поднесе претставка до Советот на јавните обвинители поради неговото непостапување во предметот со дивоградбата во Струга, кога наместо да го санкционира незаконитото постапување на ОЈО Струга, застана во негова одбрана. Денес, повторно неговото обвинителство дава позитивно мислење во корист на обвинет кој само неколку дена подоцна ја напушта државата. Таквата низа на постапувања отвора сериозно прашање дали Вишото јавно обвинителство ја исполнува својата законска функција или повторно обезбедува институционално покритие за привилегираните“велат од Левица.
Оттаму реагираат и на образложението на претседателот на Основниот суд во Струга, Вулнет Винца, дека имотната гаранција и мерката за одземање на пасошот не можеле истовремено да опстојат.
„Ако тоа е навистина правниот став на Судот, тогаш се поставува прашањето зошто лице за кое претходно постоела опасност од бегство одеднаш повеќе не претставува таков ризик само затоа што е положена гаранција. Имотот може да биде предмет на извршување, но не може да биде замена за физичко присуство на обвинетиот во кривичната постапка…Истовремено, Судот мора јавно да соопшти кој судија ја донел одлуката за враќање на пасошот и да го објави целосното образложение врз кое се темели таа одлука. Советот на јавните обвинители, пак, мора конечно да постапи по претставката што Мојсоска ја поднесе против Пецо Везироски, додека Судскиот совет треба да отвори постапка за утврдување на одговорност доколку се констатира дека судската одлука е донесена спротивно на законските критериуми. Селективната правда започнува многу порано од евентуалното бегство на обвинетиот – таа започнува кога институциите ќе почнат различно да го применуваат законот во зависност од тоа кој се наоѓа пред нив и колкава политичка и економска моќ поседува“,се вели во партиската реакција.






