Левица обвини дека Статистика ги менува пописните резултати

Директорот на Државниот завод за статистика изјави дека дополнувањето на базата на податоци од пописот на населението ќе се третира како „упад“, а упадот сепак се случи, и тоа од страна на ДЗС, затоа што во официјалните резултати од Пописот може да се забележат промени и дополнувања во табелата за религиската припадност со драстични разлики, реагира Левица.

„Разликите се особено воочливи во колоната „Не е верник (атеист)“, каде во првичните резултати бројката на овие лица изнесуваше 355, а во новите нелегално изменети и дополнети резултати оваа бројка е зголемена на 8764 лица! Покрај тоа, во табелата за религиска припадност можат да се забележат и други евидентни нелегални интервенции со кои се променуваат и други колони и вредности.

Сомневањата на мнозинството народ во веродостојноста на резултатите од пописот, сега добиваат и официјална поткрепеност, со конкретно преземени противправни/кривични дејствија од страна на службените лица во Државниот завод за статистика“, се наведува во соопштението.

Од партијата додаваат дека Законот за попис на населението предвидува кривична одговорност за слични вакви дејствија во членот 49 став 1 каде „се казнува лице што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација и тоа со со казна затвор од најмалку 3 години”. Дополнително, доколку ова кривично дело го стори учесник во Пописот или друго службено лице, ставот 2 од членот 49 предвидува казна затвор од најмалку 5 години за сторителот.

Back to top button
Close