Левица: Оставка од Трипуновски по двата големи скандали со поткуп во Министерството!

Оставка од министерот за земјоделство Трипуновски по двата големи скандали со поткуп во Министерството, поточно во Платежната агенција и последниот скандал со Државниот инспекторат за земјоделство, бара партијата Левица.

„Очигледно министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, нема капацитет да го менаџира ресорот земјоделие, затоа во интерес на земјоделците и државата потребно е тој веднаш да ја напушти функцијата!

Освен двата последни случаи на висока корупција во министерството и неговите агенции, за кои е недозволиво министерот да не бил запознаен што се случува во неговиот ресор, на товар на неуспешните земјоделски политики му се ставаат и безредието во исплатата на земјоделските субвенции, укинувањето на авансната исплата и намалувањето на субвенциите во програмата за оваа година, како и построгите критериуми за аплицирање со што се оштетуваат многу наши сограѓани на кои земјоделието им е дополнителен извор на приход.

Деновиве додека оризопроизводителите мака мачат да обезбедат егзистенција од оризот, соочени со неолибералната олигархија која уценува со безобразно ниските откупни цени на оризот, а истиот го продава до 5 пати повисока цена во малопродажба, додека сточарите во неизвесност чекаат за откуп на јагнето во пресрет на Велигденските празници, додека цените на вештачките ѓубрива одат до небо, додека ни се заканува екстремно поскапување на храната од увоз поради високите цени на нафтените деривати, министерот Трипуновски како да не го допира се она што се случува околу него, си шета на кафе муабет со членовите на ДПМНЕ низ Тиквешијата.

Доказ за безидејноста на Трипуновски е и новата кампања која си ја замислил, наречена “Гласот што го слушаме”, алудирајќи на тоа дека земјоделците требало да ги креираат политиките. Ова не е ништо друго туку префрлање на одговорноста од раководните органи и министерството директно на земјоделците. Министерството и министрите се избрани од народот да му служат и да носат стратегии, проекти, одлуки во интерес на народот. Но очигледно дека оваа власт и овој министер се неспособни да ја преземат одговорноста и да го водат секторот земјоделие, затоа одговор на Цветан Трипуновски на сето ова е да си поднесе оставка! “,  велат од Левица.

Back to top button
Close