Левица: Побаравме информации од јавен карактер за пописот на недвижниот имот на ДПМНЕ, но до денес нема одговор
ДПМНЕ оваа недела направи преседан со неовластен упад во лични банкарски сметки на пратеници од Левица, без да постојат индиции за сторено кривично дело. Наместо да се истражува криминалот на Заев и Мијалков, ДПМНЕ го користи државниот апарат за репресија врз политички противници, се вели во соопштението од Левица, што МИА го објавува интегрално.
Со објавување на податоци за легитимни плати кои Левица ги исплаќала, добиени на незаконски начин, се потврдува авторитарниот однос и злоупотребата на институциите под нивна контрола. Вакви информации можат да се добијат исклучиво преку посебни истражни мерки, доколку постојат сомнежи за кривично дело, што во овој случај не постои.
Левица јавно повикува – како што се следат личните трансакции на пратениците на Левица, така да бидат објавени и приливите на семејството Заев. Дали тоа ќе се случи? Секако дека не, бидејќи таму лежи вистинскиот криминал, во кој учествуваат и самите структури на ДПМНЕ.
Истовремено, ДПМНЕ и понатаму го крие сопствениот имот. Државниот завод за ревизија нотирал сериозни недостатоци во извештаите на оваа партија, особено во евиденцијата на недвижен имот, додека извештаите на Левица се без забелешки.
Дополнително, Левица официјално побара информации од јавен карактер поврзани со пописот на недвижниот имот на ДПМНЕ, но до денес нема добиено одговор – прекршок констатиран и од Агенцијата за слободен пристап до информации.
Левица нема да се повлече пред овие обиди за репресија. Ќе продолжиме да ја разобличуваме криминалната хунта на ДПМНЕ и да се бориме за вистинска демократија и правна држава.
Прес конференцијата ја даде портпаролот на кампањата за локалните избори Круме Богевски.
ПП Левица