Левица предлага шестчасовен работен ден без намалување на платата: „Ова е природен чекор за модерното време“
Парламентарната партија Левица предлага работното време во земјава да се скрати на шест часа, без да се намалат платите на вработените. Предлогот е поднесен во Собранието и, според пратеникот Амар Мециновиќ, истиот не предизвикува буџетски трошоци и одговара на технолошкиот напредок и современите потреби на работниците.
„Нашиот предлог е внимателно осмислен, без наметнување темпо и со целосно избегнување трошоци за буџетот. Доаѓа природно во време кога продуктивноста расте благодарение на технологијата“, изјави Мециновиќ на денешната прес-конференција.
Тој истакна дека осумчасовното работно време е остаток од индустриската ера и не одговара на денешните реалности, каде што обврските на работниците се сè повеќе автоматизирани и дигитализирани. Според него, современиот работен ден е обележан со анксиозност, хроничен замор и недостиг на време за семејството и личниот живот.
Мециновиќ потсети дека Левица претходно предложила и зголемување на платите според моделот на синдикатите, но тој предлог не поминал. Новиот предлог, како што вели, е базиран на анализи и искуства од други земји како Исланд, Јапонија, Шведска, Франција, Германија и Велика Британија, каде што веќе се применуваат пократки работни денови. Во регионот, Црна Гора веќе го скрати работното време.
„Резултатите од анализите се јасни – зголемена продуктивност, подобро ментално здравје, помалку отсуства и поголема лојалност кон работата. Ниту една економија не претрпе удар, напротив – многу компании пријавиле раст“, додаде Мециновиќ.
Тој апелираше до синдикатите, работничките здруженија и политичките партии да дадат поддршка за оваа иницијатива.
Во одговор на новинарско прашање за истрагата за трагедијата во Кочани, Мециновиќ оцени дека првичната истрага била манипулативна и дека дел од осомничените блиски до ВМРО-ДПМНЕ биле ослободени. Тој тврди дека Левица поднела кривична пријава против премиерот Мицкоски за, како што рече, „попречување на правдата и изземање на лица од истрагата“, и само поради институционалниот притисок на опозицијата дошло до поместување во истрагата.
„Истрагата беше во насока на прикривање на блиските до власта. Јавноста изврши силен притисок, но и понатаму не сме задоволни. Власта се подготвува да ги блокира нашите барања за надзорна расправа“, изјави Мециновиќ