Левица: Руралните жени се маргинализирани – предлагаме платено породилно отсуство за жените земјоделки
Соопштение на Левица:
Денес, на Меѓународниот ден на руралната жена, ја потсетуваме јавноста на долгогодишната маргинализација на жените од руралните средини, кои и покрај својата суштинска улога во земјоделското производство и опстанокот на руралните заедници, се системски занемарувани.
Левица, преку својата пратеничка, Јована Мојсоска, е единствената политичка партија што директно во Собранието поднесе предлог-закон за платено породилно отсуство за жените земјоделки. Според Мојсоска, тоа е прашање кое не може и не смее да се решава преку привремени програми на министерства, туку со трајно законско решение.
Како АФЖ Левица, особено го истакнуваме следното:
• Жените земјоделки во Македонија немаат никаква правна и социјална сигурност при мајчинство.
• Само две жени во цела 2023 година поднеле барање за породилно отсуство, а ниту едно не било одобрено, што е срамно и укажува на нефункционалност и дискриминација во државните програми.
АФЖ Левица се залага за сеопфатна едукација и поддршка за руралните жени, посебно во делот за тоа како да се регистрираат како земјоделец-поединец, за да стекнат право на здравствено осигурување и пензиски стаж.
Бараме актуелната власт да покаже елементарна одговорност и да го поддржи законот што Левица ќе го предложи повторно, со што жените земјоделки, конечно, ќе добијат законски загарантирано платено породилно отсуство!
Жените од руралните средини се основата на секое општество кое тежнее кон социјална правда, економска сигурност и родова еднаквост.