Левица: Сè поизвесно е дека Амар Мециновиќ влегува во втор круг за Скопје
Сè поизвесно станува дека нашиот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, влегува во втор круг – изјави членот на Централниот комитет на Левица, Круме Богевски, на денешната прес-конференција.

Богевски изјави дека во Левица постои исклучително задоволство од изборните резултати, кои постојано се ажурираат. Рече дека според информациите, Левица е втора партија во урбаните средини како Кисела Вода, Аеродром и Карпош, веднаш по ВМРО-ДПМНЕ, а бележи водство и пред СДСМ според бројот на советници.
„Во однос на Велес, исто така, имаме повеќе од СДСМ за советничката листа. Имаме позитивни резултати и во Гостивар, додека во останатите урбани средини како Кавадарци ни се зголемуваат советничките места од едно на две. Ова е тенденција којашто се следи во поголемите урбани општини во Македонија“,изјави Богевски.
Претходно денеска, Левица предупреди на изборни нерегуларности – непочитување на изборниот молк од страна на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во текот на вчерашниот ден, отворени штабови и агитирање преку социјалните мрежи.