Левица: Скандалозниот тендер на Јанушев од еден милион евра заврши кај поранешен советник на СДСM во Струмица
Левица продолжува да објавува нови детали за спорниот тендер на генералниот секретаријат на Влада, каде, како што соопштуваат, еден милион евра народни пари се предмет на злоупотреба за организирање на скапите партиски митинзи на ВМРО-ДПМНЕ.
-Овој контроверзен тендер потпишан од Игор Јанушев, го доби струмичката фирма „СМ АРТ ВИЗ АРТ ДООЕЛ”, во сопственост на Петар Божинов, кој има “богато” искуство како активист на СДС. Имено, Божинов во минатото бил советник во Советот на Струмица од редовите на СДСМ, додека сега е вработен во општина Струмица како одговорно лице за култура. За Божинов е познато дека за време на владеењето на Зоран Заев држи монопол во Струмица при организирање на културни настани, преку наменски невладини организации и фирми.
Интересно е што токму добитникот на тендерот може да се види фотографиран со актуелни советници на ДПМНЕ во советот на општина Струмица, односно со советникот Владимир Ристов, посочуваат од партијата.
Според Левица, ова ја потврдува тезата за соработка и координација помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и екс-премиерот Зоран Заев, каде преку струмичка фирма ќе бидат злоупотребени државни ресурси за финансирање на кампањата на BМРО-ДПМНЕ.
-Наместо да го истражи криминалот од владеењето на Заев, владата предводена од Мицкоски дели милионски тендери токму на оние кои најмногу профитирале од владеењето на Заев. Ова е само уште еден доказ дека овие две криминогени партии здружено го цедат буџетот во една од најсиромашните држави во Европа, а нивниот заеднички интерес е никој да не одговара за пустошот од нивното криминално владеење, порачуваат од Левица