Левица со претставка за групна политичка дискриминација до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Димитар Апасиев, лидер на Левица, преку социјалните мрежи информира дека до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е поднесена Претставка за групна политичка дискриминација. Со претставката, партијата упати и посебно барање институцијата да се вмеша во спорот во својство на amicus curiae („пријател на судот”).

Од Левица нагласуваат дека со овој чекор се исцрпуваат сите домашни правни средства и механизми што стојат на располагање согласно позитивното право. Понатаму, нивниот правен тим најавува преминување кон подготовка на кривични пријави против членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), поединечно, како и изготвување вештачење за финансиска оштета, за која ќе се бара утврдување на солидарна одговорност.

Како последен чекор, Левица најавува и апликација пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„До овој момент, и покрај тоа што инициравме итни постапки, одговор од надлежните институции нема. Се остава впечаток дека органите на режимот намерно чекаат завршување на изборите за потоа да се прогласат за ненадлежни”, истакнува Апасиев.

Back to top button
Close