Левица: Тошковски од адвокат на урбанистичката мафија прогресираше во нивни министер

Изјавата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дека „ќе се уриваат дивоградбите ако се утврди дека се опасни по животот на граѓаните“, е уште еден поразителен пример за тоа како власта ја разбира улогата на државата и правниот поредок. Со ваков став, Министерството за внатрешни работи не само што не ја брани законитоста, туку ја релативизира, претворајќи ја во селективна и субјективна проценка, зависна од тоа дали некој објект е „доволно опасен“ за конечно да се реагира, велат од Левица.
„Министерот, инаку адвокат, познат по својата срдечна врска со урбанистичките шерифи и градежните лобисти – очигледно продолжува да ја игра истата улога, само сега од министерска фотелја: Адвокат на урбанистичката мафија. Наместо да биде прв во спроведување на законите, тој се јавува како нејзин најгласен браник, и тоа со аргументи што не би ги прифатил ниту студент од прва година на правен факултет.
Го потсетуваме министерот дека бесправното градење претставува кривично дело согласно член 244-а од Кривичниот законик и тоа значи дека секој објект изграден без дозвола, без оглед на тоа дали директно загрозува живот или не, е предмет на санкција. Министерот наместо да се повика на закон, тој се повикува на „животот на граѓаните“ како единствена мерка за (не)постапување. Таквата логика е опасна, неуставна и го девалвира концептот на правна држава.
Дивоградбите не се само правен и морален проблем, тие се и урбанистичка болест која го деградира просторот, ја уништува логиката на планирање и го нарушува квалитетот на живеење.
Од архитектонски аспект:
Дивоградбите не почитуваат норми за безбедност, статика, противпожарна заштита и пристапност;
Често се градат со неквалитетни материјали, без надзор, без усогласување со стандарди;
Фасадно и структурно го надгрдуваат и загрозуваат изгледот на урбаните целини, рушејќи го идентитетот на просторот и вредноста на околните објекти.
Од урбанистички аспект:
Го уништуваат планскиот поредок, особено во зони каде се предвидени јавни површини, зелени појаси, пешачки и противпожарни коридори;
Ја преоптоваруваат инфраструктурата (вода, струја, канализација) на места каде нема планиран капацитет;
Спречуваат сообраќајен, пешачки и еколошки развој, без соодветен пристап, паркинг, дрвореди или јавни содржини;
Генерираат хаос во просторот, каде секој си гради по своја мера, без никаква интеграција во колективната слика.
Дивоградбата не е само кривично дело, таа е антитеза на урбана култура. Таа го замолчува професионалниот труд на урбанистите, архитектите и инженерите, а за возврат нуди само хаос и корупција.
Министерството за внатрешни работи мора да биде браник на законитоста, а не адвокат на урбанистичката мафија. Со вакви изјави, министерот испраќа порака дека државата нема обврска да реагира на дивоградба, ако некој прво не загине. Тоа е крајно недозволиво и неетичко.
Граѓаните имаат право на: уредени и хумани општини, зелен и достапен јавен простор, правна сигурност и еднаквост, градови кои се планираат за луѓе, а не од инает и профит.
Не постои „безопасна“ дивоградба, секоја дивоградба е опасност по редот, правото и заедничкиот интерес“, посочуваат од партијата Левица.