Левица: Владата без морална доблест држи прес-конференции со обвинетиот министер Шабан Салиу
„Кулминација на селективна правда и неодговорност кон 62 трагично загинати млади животи е фактот дека еден од обвинетите за трагедијата – Шабан Салиу (коалиционен партнер на Христијан Мицкоски) продолжува да биде дел од владејачката гарнитура како министер без ресор“ обвинуваат од Левица.
Од партијата велат дека „додека родителите од Кочани секоја сабота бараат правда за системскиот колапс кој се случи на 16 март, владата на ДПМНЕ дрско и без никаква морална доблест држи владини прес-конференции со обвинетиот Шабан Салиу, наместо истиот да биде разрешен уште пред три месеци!“.
„Потсетуваме дека од 2008 до 2017 година со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) раководеше Шабан Салиу, додека ДПМНЕ кога дојде на власт го именуваше неговиот внук Кашмир Салиу за заменик-директор. Наместо демонстрирање минимум морална одговорност, министерот Шабан Салиу дури оди и на судења за трагедијата користејќи службени возила, додека премиерот Мицкоски молчи заради своите коалициони калкулации. Ваквиот арогантен и нечовечен однос само ја потврдува суровата вистина – дека коалиционите математики на власта се повредни од 62 прерано изгубени животи“ соопштија од Левица.
Порачуваат дека „ниту најголемата трагедија во поновата историја не беше доволна за да пробуди морална одговорност и совест кај гарнитурата на власт, и најверојатно Македонија останува единствената држава во светот каде ниту еден функционер не понесе ниту морална одговорност преку оставка, ниту пак беше разрешен од една влада која единствено се грижи за својот рејтинг“.