Левица: ВМРО ја блокира специјалната Анкетна комисија за Кочани, Модуларната болница, „Беса транс” и „Дурмо турс”

Левица преку соопштение порачува дека ВМРО-ДПМНЕ на иницијативата за формирање специјална анкетна комисија за трагедијата во Кочани одговори со условување и разводнување – инсистирајќи да се опфатат трагедиите од модуларната болница, „Дурмо турс“ и „Беса транс“. Собранието ги прифати инфантилните однесувања на парламентарното мнозинство и изгласа формирање на комисијата на 3 декември 2025. Денес, речиси четири месеци подоцна, таа така и остана – само формална одлука без никаква реализација и уште еден неуспешен обид, како што велат од Левица, ДПМНЕ да прикаже лажен почетен чекор на зрелост.

„ДПМНЕ го условува почетокот на работата на комисијата со прифаќање на нивни „контра-заклучоци“ од Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот кои не само што апсолутно не произлегуваат од самата седница за трагедијата од „Пулс”, туку и суштински ја извртуваат и се движат во насока на пофалба на власта за успешното справување. Заклучоците предложени од претседателот на Постојаната анкетна комисија, Димитар Апасиев, доставени на 24 декември 2025, се директна рефлексија на кажаното од седницата: со осуда на институционалната нефункционалност, укажување на системско непочитување на законите, сериозни сомнежи за прикривање на одговорност, барање за независна, темелна и неселективна истрага, реафирмирање на правото на живот како највисока вредност, потребата од законски измени, донесување на закон за обештетување на семејствата и сл.

Специјалната анкетна комисија очигледно ДПМНЕ немаат намера да започне со работа. Владејачкото мнозинство со спикерот Африм Гаши ја држат постапката во административен вакум дотаму што досега немаат доставено ниту допис за номинирање на членови и отпочнување на процесот. Всушност, ДПМНЕ продолжува со нивните незрели политички испади и поставуваат дополнителни услови и отвораат вештачки пречки“, порачуваат од опозициската партија.

Од партијата оценуваат дека специјалната анкетна комисија нема ни да започне со работа во догледно време.

Со ваквото однесување на партијата на Христијан Мицкоски, велат од Левица, свесно избегнува да се отвори суштинска расправа за трагедиите – расправа во која јавно и гласно ќе се лоцираат системските пропусти, ќе се утврди институционалната одговорност и ќе се наметне потребата од конкретни законски измени. Наместо тоа, се одржува статус-кво во кој темата се оттурнува, а одговорите се одложуваат.

„Блокирањето на комисијата значи и блокирање на процесот на расчистување со слабостите на системот, добивање на јасна слика каде точно затаил системот и основа за негово коригирање. На тој начин, наместо институционално учење од трагедиите, се создава простор истите пропусти да се повторат“, стои во партиското соопштение.

Back to top button
Close