Левица: ВМРО-ДПМНЕ нема изговор да ја саботира седницата свикана по иницијатива на родителите од Кочани
Левица ги смета за деструктивни и арогантни обидите на ВМРО-ДПМНЕ за уште едно саботирање на закажаната седница на собраниската Постојана анкетна комисија за човекови права и слободи. Оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани и истата е закажана за 9 декември 2025 година.

„Ја информираме јавноста дека овој датум е одбран во претходна координација со родителите, кои ќе се обратат на закажаната седница и дополнително, се работи за единствен ден кога не е закажано судско рочиште за трагедијата во Кочани. Пратениците од власта безобразно манипулираат дека терминот не е соодветен, затоа што во Собранието започнувала расправата по предлог-буџетот. Ваквите изјави се тенденциозни и невистинити, затоа што буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија!
Левица имаше дури три обиди да се закаже седница за трагедијата во Кочани, но сите беа саботирани од спикерот Гаши во координација со ВМРО-ДПМНЕ! Власта (која не организира ниту комеморативна седница во Собранието) нема веќе изговори да ја саботира дискусијата за Кочани во Собранието!
Апелираме пратениците од власта не ја саботираат закажаната седница во вторник, имајќи го во предвид фактот дека само овој ден родителите можат да присуствуваат во Собранието. Народните избраници мора конечно да обезбедат услови во Собранието да се слушне гласот на родителите кои бараат правда – не само за своите деца – туку и за сите идни генерации“ велат од Левица






