Либералите на премиерот Карни победија на изборите во Канада

Новиот канадски премиер ги убеди гласачите – Либералната партија на Марк Карни победи на парламентарните избори во Канада.

Либералната партија на премиерот Марк Карни е победник на изборите за канадскиот парламент. Неговиот предизвикувач Пјер Полиевре, лидер на Конзервативците, го призна поразот и му честиташе на Карни на победата.

Владејачката партија на Карни, според официјалните резултати, по 95% пребројани гласови, има освоено 43,2% од гласовите, додека Конзервативците имаат 41,7% гласови. Тоа значи дека Либералите имаат 166 од вкупно 343 места во парламентот, односно за малку промашија апсолутно мнозинство од 172 места.

Либералите во 2015 година добија мнозинство, но од 2019 година владеат со малцинска влада.

На парламентарните избори во Канада овојпат доминираше заканата на американскиот претседател Донлад Трамп со анексија на северниот сосед. Непосредно по отворањето на избирачките места во Канада, Трамп ја повтори својата закана. Тој ги повика Канаѓаните да ги изберат него за претседател на една проширена држава.

„Изберете го човекот кој има моќ и мудрост да ви ги намали даноците на половина, бесплатно да ја подигне вашата воена моќ на највисоко ниво во светот“, апелираше Доналд Трамп до Канаѓаните. Тие, според него, би имале „нула царини или даноци кога Канада ќе стане саканата 51-ва држава на Соединетите Американски Држави“, напиша тој на својата онлајн услуга Truth Social.

Кандидатот на канадските конзервативци Пјер Полиевре го осуди мешањето на Вашингтон во изборите. „Претседателе Трамп, држете се настрана од нашите избори“, напиша опозицискиот кандидат на онлајн платформата Х, обраќајќи му се на Трамп. „Канада секогаш ќе биде горда, суверена и независна и никогаш нема да станеме 51-ва сојузна држава.“

Подоцна се огласи и премиерот Карни: „Ова е Канада и ние одлучуваме што ќе се случи овде“, напиша тој на Х.

Карни и неговата Либерална партија во трката влегоа како фаворити. Владејачката партија, според последните истражувања, водеше со четири проценти пред Конзервативната партија на опозицискиот лидер Полиевре. Всушност, либералите долго време во анкетите беа јасно зад конзервативците. Но, агресивната царинска политика на Трамп и неговата желба да ја направи Канада 51-ва сојузна држава на САД, донесоа спектакуларна промена на мислењето. Карни, кој е на власт од средината на март – партиски колега и наследник на долгогодишниот премиер Џастин Трудо – ја фокусираше својата изборна кампања целосно на Трамп. 60-годишникот се презентираше како најдобар кандидат за соочување со американскиот претседател. Тој во текот на целата изборна кампања се дистанцираше од својот претходник Трудо.(dw)

Back to top button
Close