Лицата со дијабетес бараат од Владата за сите нив да бидат обезбедени модерни инсулински пумпи

Сојузот на здруженија со лица со дијабетес (СЗДСМ) апелира до Владата, Министерството за здравство и Националната комисија за дијабетес да обезбедат минимум критериуми за квалитет при претстојната јавна набавка на инсулински пумпи.

Целта е да се овозможи секое лице со дијабетес тип 1 да има пристап до современи технологии кои превенираат нарушување на здравјето.

7Од СЗДСМ истакнуваат дека Македонија се соочува со предизвици во грижата за дијабетесот, посочувајќи на загрижувачки малиот број на пациенти кои користат инсулински пумпи – околу 300.

Тие нагласуваат дека инсулинските пумпи се клучни за менаџирање на дијабетесот тип 1, но во моментов се обезбедува незначителен број од нив, со што илјадници пациенти се лишени од придобивките од нив.

„Инсулинските пумпи се критично важни за управување со дијабетесот. Во моментов се обезбедуваат незначителен број на Инсулински пумпи за лица со тип 1 дијабетес. Ова остава илјадници пациенти со тип 1 дијабетес и да не можат да имаат корист од благодетите на овие нови технологии“,⁸велат од Здружението.

Здружението бара инсулинските пумпи кои ќе се набават во 2025 година да бидат современи Напредни хибридни затворени системи. Овие системи, познати и како системи за автоматска испорака на инсулин (AID) или вештачки панкреас, преку автоматизиран алгоритам ја испорачуваат потребната доза на инсулин врз основа на континуирано мерење на гликемијата, овозможувајќи индивидуално приспособени целни нивоа за секој пациент.

СЗДСМ се повикува на Американската Дијабетолошка асоцијација, според која AID системите се прв избор на терапија за лица со дијабетес тип 1.

Тие додаваат дека клиничките испитувања потврдуваат дека овие системи овозможуваат подобра контрола на гликемијата, намалување на бројот на хипогликемии и дијабетична кетоацидоза, што на води кон заштеди во здравствениот систем. Со користење на овие напредни системи, пациентите со дијабетес тип 1 истовремено стануваат и корисници на сензор.

Министерот за здравство, пак, Арбен Таравари денеска рече дека јавната набавка за инсулин е завршена, потпишан е договор и извршено е снабдување на аптеките и болниците со лекот за регулирање на шеќер во крвта.

Тој нагласи дека јавната набавка е за наредните две години, појаснувајќи дека на тој начин се сака да се избегне недостиг на инсулин.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close