Лице и опачина
Посетата на нашата претседателка Гордана Силјановска во Софија – Република Бугарија, силно ја разбранува јавноста и во Македонија и во соседна Бугарија, почнувајќи од пофални зборови па сѐ до негативни критики.
За мене, посетата на нашата Претседателка Силјановска е достоинствен чин. Таа е вљубеник во операта и во нашата национална институција Македонска опера и балет. Гостувањето на Македонската опера и балет во Софија претседателката се потруди да го искористи и дипломатски, во насока на затоплување на македонско-бугарските односи кои што моментално се на многу ниско ниво.
Дијалогот треба да биде единствениот начин за решавање на отворените прашања меѓу нашите две земји.
Чесен и коректен принцип на нашата претседателка Силјановска е токму во директната средба со највисокиот врв на Бугарија за да ги пренесе нашите ставови.
Историјата памети многу настани кои токму на ваков начин ги решавала проблемите.
Сесловенските просветители Кирил и Методиј, патувале со месеци да стасаат до Рим и римскиот папа Адријан кого, со својата ученост и умешност за дипломатија, го убедуваат дека секој христијанин има право да ја чита библијата и да ја чувствува религијата на свој мајчин јазик. Папата официјално ја признава глаголицата, четвртата азбука на која што е преведено светото писмо.
Од тогаш старословенскиот јазик е еден од јазиците на христијанството. Ете ја моќта на дипломатијата.
Во нашата земја, јавноста ја бранува промената на составот на Мешовитата комисија за историските прашања со Бугарија од наша страна.
Ме зачудува фактот што првиот човек на бугарската делегација во овој состав, господинот Ангел Димитров остро реагираше на ваквите промени со вокабулар кој не доликува на некогашен амбасадор и претседател на Историската комисија од бугарска страна. Искажаниот збор од господинот Ангел Димитров има сериозни импликации врз нашиот меѓусебен однос како Македонци и Бугари. Тој со многу недолични зборови како да сакаше да ги деградира клучните личности во државата, директно премиерот Христијан Мицковски и неговите соработници, а индиректно и претседателката Гордана Силјановска. Тоа не е начин на градење добрососедски односи, туку директно мешање во внатрешните работи на нашата држава. Патем и негова лична деградација.
За мене, како Македонец, тешко разбирливо е да имаме сосед чија водечка личност не ги разбира основните постулати на едно демократско општество, а уште помалку градењето на добрососедски односи.
Митот за голема Бугарија каде ќе влезе и Македонија е само сон. Два пати во текот на двете светски војни, ги искршија острите заби токму на Македонија. Очигледно не извлекле никакви поуки. Мој личен став е чекорот кој ние како Македонци треба да го направиме е да се држиме до црвените линии со соседна Бугарија кои што се веќе испишани и за тоа не смее да има отстапувања. Мораме да ги убедиме нашите сограѓани од другите етнички и верски заедници да застанат зад нас по ова прашање. „Морковот закачен на стап” и подаден по желба на Бугарија, а поддржан од ЕУ за наше приклучување кон ЕУ, е сериозна манипулација за наше истребување, бидејќи стапот за овој морков ќе го јадеме токму ние, Македонците. Ако сакаме да градиме заеднички просперитет и иднина во нашите дворови, тогаш токму останатите етнички заедници треба да застанат зад нас. Таквата симбиоза ќе даде силна порака до меѓународната заедница САД , ЕУ и соседна Бугарија. Македонецот не смее да биде малцинство во сопствената татковина.
Трифун Костовски