Лице и опачина на системот
Почитувани читатели, животот генерално насекаде е сѐ понеизвесен. Како ќе ги пребродиме овие тешки времиња, кога поради глобални интереси на водечката земја во светот САД, страда севкупната светска популација, само Господ знае.

Со отпочнувањето на војната меѓу Израел и Сад од една страна и Иран од друга страна, цените на нафтените деривати и земјениот гас пораснаа високо што веднаш се одрази на животниот стандард, не само во Македонија, туку насекаде низ светот. Скапо ќе ја плаќаме цената на неправдата. Всушност, правдата е жртва на политиката.
Како поединец, кој вози автомобил, тврдам дека претседателот на САД месечно само за гориво ми краде 60 евра и додатни 60 евра за она што треба да го користам за исхрана и нормално, тековно функционирање.
Воените трауми и последиците допрва ќе ја потресуваат севкупната светска заедница, која за жал сѐ уште молчи.
Почитувани читатели, ќе ми дозволите да се осврнам на нашата македонска реалност. Веќе 6 години водам војна за стечајот на Еуростандард банка, направен со умисла од страна на Народна банка и екс-гувернерот Анита Бежоска. Не сум виновен за овој стечај. Ако најдат вина за било какво мое учество, спремен сум да одговарам пред законот. Побегуља или бегалец никогаш нема да бидам. Овој стечај беше направен со умисла на повеќе структури од високи партиски членови и секако поради објективната незрелост како што е ставање несоодветни поединци на челни позиции како Гувернер на Народна банка.
Еуростандард банка беше однесена во стечај од страна на екс-гувернерот Анита Бежоска, без да преземе инструменти да го провери и стабилизира работењето на банката. Госпоѓата Бежоска цели три месеци го избегнуваше потенцијалниот инвеститор кој требаше да докапитализира и влезе во структурата на банката. Госпоѓата Бежоска го одзеде правото за работење на банката со правни и физички лица, повеќе од една година. За госпоѓата Бежоска за време на вонредната состојба предизвикана од Ковид-19 не важеше правилото дека правните субјекти при вонредни услови треба да бидат поштедени и да им се даде право за стабилизација. Госпоѓата Бежоска прифати од Еуростандард банка утврден систем за стабилизирање на банката до 31 декември 2021 година, во кој период акционерите сами или со нови акционери ќе направеа стабилизација на банката од финансиски аспект. Госпоѓата Бежоска ја носи банката во стечај на 12 август 2020 година, цела година и 4 месеци пред договорениот термин за стабилизација, термин со тукушто завршени предвремени парламентарни избори , при неформирано собрание и влада на Република МакедонијаГоспоѓата Бежоска ја носи банката во стечај после неполни 25 дена од завршувањето на вонредната состојба од Ковид-19. Беше уплашена дека со новиот Управен одбор во многу краток рок ќе ги собереме така-наречени позајмици. Госпоѓата Бежоска го забрза процесот за носење на банката во стечај, бидејќи прибирањето на финансиските така-наречени позајмици беше многу силно и делуваше изненадувачки за многу вице -гувернери во Народна банка.
Очигледно госпоѓата Бежоска не е човек кој може да ја води функцијата Гувернер.
Деновиве во јавноста одекна информацијата дека актуелниот гувернер Славески активно учествувал со недозволени активности во изборот на госпоѓата Бежоска како гувернер на Народна банка.
Цели 9 месеци тропам на вратата од Народна банка за прием кај актуелниот гувернер Славески. За жал господинот Славески официјално нема време да ме прими. Веќе сум убеден дека тој како ментор за поставувањето на Бежоска како гувернер впрочем претставува одбранбен столб на госпоѓата Бежоска, поддршка за нејзиното криминално управување со банката.
Единствена институција од која вистински треба да почне истрагата е токму Народна банка. Господинот Славески, актуелниот гувернер ги има сите инструменти за да направи длабока анализа за стечајот на Еуростандард банка. Фактите дека Еуростандард банка не смеела да се носи во стечај, сами зборуваат за себе. Сите правни и физички лица, клиенти на банката денес се веќе обештетени, а имотот на банката се распродава по багателни цени.
Жално е сознанието дека господинот Славески како редовен професор на Економскиот факултет на своите предавања кај студентите стечајот на Еуростандард банка го споменувал како пример за лошо работење на банката. Ваквиот став на професор кој го предложил тогашниот гувернер Бежоска, говори само едно, дека и тој бил информиран за потребата Еуростандард банка да се носи во стечај по секоја цена.
Емпатија меѓу мене и господинот Славески не постоела, ама не постоела, барем од моја страна, ниту омраза да му наштетам било кому.
Денес актуелниот гувернер Славески доколку не преземе мерки за длабока истрага околу стечајот на Еуростандард банка, ќе го сметам за соучесник и главен поддржувач на екс-гувернерот Бежоска
Заклучувам дека грешката не е во луѓето кои што сакале да стасаат на високи функции, туку е во тие што ги предложиле и изгласале. Очигледно постои некој таен договор меѓу партиите на власт и опозиција за нивна меѓусебна криминогена соработк.
Господинот Славески стана гувернер после речиси 4 години функција претседател на Советот на Град Скопје. Повеќе од јасно е дека во периодот на неговото претседателство и градоначалничката функција на Арсовска, Градот Скопје ја доживеа најголемата катаклизма.
Дали треба неговото поставување за гувернер да го сметаме како награда за неговиот успешен претседателски мандат во Советот на Град Скопје?
Сведоци сме за негово разрешување на местото министер за финансии од времето на премиерот Никола Груевски.
Се прашувам себе си и вас мои читатели, дали стручноста и лојалноста кон одредени тесно партиски интереси некогаш ќе ги замениме со луѓе кои во себе ќе поседуваат не само стручност, туку знаење и визија како треба да го усоврши системот кој му е даден да го води. Кога системот краде од граѓаните, нема иднина за никого.
До кога ќе ја плаќаме цената на нашата севкупна незрелост како општество и држава? Закопаната правда и прескапо платената вистина, ќе не стасаат…





