Лице со попреченост од Делчево платил казна од 3 000 денари, иако претходно платил билет за паркинг пред клиника во Скопје

Делчевец со телесен инвалидитет уредно платил билет за паркинг пред клиника во главниот град, но и покрај наплатата добил блокатор на возилото и платил казна во износ од 3 000 денари. Неговиот родител за МИА вели дека образложението кое го добиле е дека за да паркира на јавен паркинг назначен за лица со хендикеп треба да биде член на Здружението на лица со телесен инвалидитет од Скопје и дека рекламација може да се поднесе на определен мејл, каде ќе биде разгледано дали парите за платената казна ќе му бидат вратени.

“Фискалните сметки за платен паркинг како доказ не помогнале, па дури и грубо му било кажано дека ако не го тргне возилото веднаш, казната ќе биде уште поголема, за што сведочат и луѓето кои биле со него”,вели неговиот родител за МИА.

Иако делчевецот членува во Здружението ,,Мобилност” од Кочани, за што поседува потпис и печат од здружението, тоа не било доволно за да се најде компромис со вработените.

Од Сојузот на лица со телесен инвалидитет на Македонија велат дека правилата се такви и дека иако во минатото лицата со телесен инвалидитет од целата земја биле ослободени од плаќање, во моментот, правилото важи само за тие што имаат електронска картица и по жителство и лична карта се од Скопје.

“Додека со паркинзите на клиниките стопанисуваше приватник, лицата со телесен инвалидитет не само од Скопје, туку и од останатите градови беа ослободени од плаќање”велат од Сојузот на лица со телесен инвалидитет на Македонија.

Според МИА, младиот делчевец правдата ќе ја бара на суд а останува нејасно дали инвалидните лица треба да се регистрираат во секој град посебно, за во иднина да немаат вакви проблеми.

Back to top button
Close